• среда, 27 ноември 2024

Костадинов најавува изградба на нов градски пазар во Струмица, најголем во државата

Костадинов најавува изградба на нов градски пазар во Струмица, најголем во државата

Струмица, 10 јуни 2024 (МИА) - За новиот градски пазар во Струмица, што ќе биде најголем во државата, веќе втор пат е распишана јавна набавка и очекувам дека ќе се јават компании кои ќе дадат понуда што ќе одговара на условите пропишани од страна на Општина Струмица и граѓаните ќе добијат нов и современ градски пазар, изјави денеска градоначалникот Костадин Костадинов.

Според него, со тоа ќе дојде до растоварување на пазарот „Чешел“ и, како што рече, со тоа се тргнува дилемата дали ќе ги иселат пазарџиите кои функционираат во пазарот „Чешел“, бидејќи тие таму ќе продаваат се додека не заврши целосната изградба на новиот пазар. Новиот пазар, појасни, треба да биде лоциран до Автобуската станица на парцела што е во сопственост на државата и нема потреба од експропријација, со што нема да се одолговлекува изградбата.

Изградбата на новиот пазар Костадинов ја најави денеска на увидот на завршениот нов булевар „Братство Единство“.

-Крстосницата „Братство Единство“ и „24 Октомври“ беше една од најнебезбедните во градот кадешто имавме потреба од регулирање на сообраќајот. Од тука би сакал да испратам една порака до опозицијата, којашто критикуваше во однос на изведбата, но денеска сме сведоци, особено граѓаните, дека сите тие лаги и манипулации паѓаат во вода затоа што беспрекорно функционира самиот кружен тек, а еве ја овде и велосипедската патека на улицата „Братство Единство“, на која продолжуваме и со обележување на самата улица каде што има нов втор слој на асфалт, рече Костадинов.

Информираше дека целиот проект чини близу 61 милиони денари. рт/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан