• недела, 24 ноември 2024

Костадинов избран за личност на годината од Фестивалот на Југоисточна Европа

Костадинов избран за личност на годината од Фестивалот на Југоисточна Европа

Струмица, 5 февруари 2024 (МИА)-Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, е избран за личност на годината од Фестивалот на Југоисточна Европа-Париз, Берлин, Вашингтон. Оваа одлука на струмичкиот градоначалник му ја соопшти амбасадорот Јордан Плевнеш во име на Уметничниот одбор на Фестивалот.

Според Плевнеш, покрај тоа што Фестивалот е препознатлив прозорец на културата на Југоисточна Европа и кинематографиите на овие земји во светот, има признание кое се вика „личност на Југоисточна Европа за 2024 година“.

-Тоа е Костадин Костадинов кој низ своето обраќање денеска коешто беше снимено од специјалната екипа, ќе ја пренесе славата на Струмица на сите меридијани бидејќи тоа е град којшто е познат на мапата на светот по една долга духовна историја којашто започнува од антиката, низ римското време, низ средновековниот период. И Светите 15 маченици влегуваат во европските и светските трезори на светската меморија и фестивалот во Париз, Берлин и во Вашингтон, ќе ја откријат таа димензија, бидејќи во вашиот град се одржуваат два значајни меѓународни фестивали „Ристо Шишков“ и „Астер фест“, но исто така, Струмица е еден вид градина на Балканот со својата исклучителна позиција во доменот којашто е на врвот на она што би се нарекло европеизација на Балканот, рече Јордан Плевнеш.

Градоначалникот Костадинов се заблагодари на признанието и рече дека ова огромно светско признание го посветува на сегашните и идните генерации струмичани и струмичанки.

-За мене е важно препознавањето на силните заложби на општинската администрација, на Советот на Општината за прво негување на културното наследство, негување на културата во Општина Струмица и пред се, фокусот на трансформација на Општина Струмица преку силните капитални инвестиции коишто се реализираат во нашиот град и во сите населени места. Особено во делот на вело патеките и во делот на имплементација на електрифициран јавен превоз со што Струмица е прв град на Балканот којшто имплементира таков проект, рече Костадинов.

Признанието на струмичкиот градоначалник ќе му биде врачено на Фестивалот што се одржува во јуни, во Париз, Франција. рт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан