Костадиновски на состанок во Тирана каде се одлучува за агендата на Европската конференција на уставни судови
- Во Тирана денеска почна подготвителниот состанок на Кругот на претседатели на Европската конференција на уставните судови, на кој учествува претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Дарко Костадиновски.

Скопје, 28 февруари 2025 (МИА) - Во Тирана денеска почна Подготвителниот состанок на Кругот на претседатели на Европската конференција на уставните судови, на кој учествува претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Дарко Костадиновски.
Како што информираат од прес-службата на Уставниот суд, на агендата на состанокот се повеќе точки меѓу кои и темата за XX-от Конгрес, подготвителните аспекти за Конгресот, предлози на земјите членки.
Во првиот дел од Подготвителниот состанок, со 25 гласа „за“, 4 „против“ и 2 „воздржани“, Уставниот суд на Косово бил примен како членка на Европската конференција на уставните судови.
Костадиновски се сретнал со неговиот колега Неџми Реџепи му го честитал членството и размениле мислења и информации за натамошната билатерална соработка на двата суда, но и за соработката во рамките на Балканскиот форум и Европската конференција на уставни судови.
Како што се наведува во соопштението, било утврдена и темата за XX-от Конгрес кој ќе се одржи во мај 2027 година во Албанија, каде европските судови ќе дискутираат за „Одбрана на демократијата, слободата на изразувањето, социјалните медиуми и лажните вести“.
Костадиновски на маргините на овој состанок ќе одржи и билатерални средби со колеги од повеќе земји.
На Подготвителниот состанок што се одржува во Тирана учествуваат 34 суда од вкупно 40 земји - судијата на Федералниот Уставен суд на Германија, Инес Хартел, судијата Уставниот совет на Франција, Корин Луквиенс, претседателот на Уставниот суд на Италија, Џовани Аморосо, претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер, претседателот на Уставниот суд на Белгија, Лук Лаврисен, Шефот за надворешни работи на Врховниот суд на Холандија, претседателот на Уставниот суд на Туркије, Кадир Озкаја, судијата на Уставниот трибунал на Шпанија, Лаура Диез Буесо, претседателот на Уставниот трибунал на Полска, Богдан Швиецковски.фф/лв/
Фото: Уставен суд