• среда, 18 декември 2024

Костадиновски: Манипулација е тврдењето дека Уставен суд укинал права на заедниците

Костадиновски: Манипулација е тврдењето дека Уставен суд укинал права на заедниците

Скопје, 9 октомври 2024 (МИА) – Уставниот суд денеска на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Како што образложи претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, одлуката на судот е донесена со мнозинство гласови и нема да важи ретроактивно. Тој потенцираше дека е манипулација тврдењето дека УС укинал права на заедниците.

Како што информираше Костадиновски на прес-конференција по денешната сединица, со одлуката беа укинати одредби од Законите за јавен сектор и за јавна администрација, како и подзаконски акти со кои се операционализира темелната вредност соодветна и правична застапеност. 

- Во конкретниот случај со оспорените законски и подзаконски одредби, неспорно е дека законодавецот ја операционализирал темелната вредност на нашиот уставен поредок соодветната и правична застапеност. Оваа темелна вредност во нашиот уставен поредок е воведена во 2001 година. Станува збор за интервенција во Уставот која е резултат на неопходноста која произлегла од општествената и уставната реалност тој временски момент. Но исто така, неспорно е дека операционализацијата на оваа темелна вредност по својата суштина и природа претставува она што и во теоријата и во практиката се нарекува афирмативна акција, односно мерка која по својата природа предвидува позитивна дискриминација, рече тој.

Вториот круцијален момент за одлуката на Судот, како што дополни, била нивната одлука со која укина одредби од Законот за матичната евиденција со кои Судот зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо и според Судот, негово лично право е да одлучи дали ќе се изјасни и како ќе се изјасни за сопствената припадност, но и право да одлучи да не се изјасни.

- Третиот битен аргумент е фактот кој е општо познат дека од можноста вработениот во јавниот сектор кој има право да поднесе барање за промена на неговите податоци во Регистарот вклучувајќи го податокот и за припадност на заедница, произлегува дека податокот за националната односно припадноста кон одредена заедница, не може да претставува гаранција за запазување на суштината и правилната имплементација на темелната вредност посветена на соодветната и правична застапеност, рече Костадиновски.

Претседателот на Уставен беше дециден дека не може политиката, како што рече, како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира или одликите на Судот да се повод за некоја политичка тензија. 

- Крајно време е да прејдеме во зрела демократија, од која бенефит ќе имаат сите граѓани без исклучок. Одлуките на Судот не треба да се гледаат ниту како закана против некого или нешто, ниту како одлуки со кои се зголемуваат или намалуваат нечии права, тие треба да бидат прифаќани и да бидат ориентир, рамка за делување согласно наодите на Судот за сите останати власти законодавна, извршна, судска, монетарна или локална, рече тој. 

Пред да ги изнесе клучните аргументи на кои се темели одлуката, Костадиновски изјави дека, како што рече, „манипулација и лага е тврдењето од било кого дека УС укинал права на заедниците“.

- Не е точно. Ние сме чувари на Уставот таков каков што е. Темелната вредност соодветна и правична застапеност е тука. Секој е должен да го почитува уставот, значи секој е должен да ја почитува и применува правичната и соодветната застапеност. Законодавецот има право, има уставно овластување да ја операционализира темелната вредност но на уставно дозволен начин. Сега и законодавецот и органите на извршната власт имаат уставна рамка, насоки што може што не да нормира, како да постапуваат Одлуките на Судот, во кои се оценува матерјалната, формалната уставност, ставовите на Судот го легитимираат правото, рече тој. 

Апелираше до граѓаните, државните органи, политичарите, ако, како што дополни, навистина ѝ мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови за европски стандарди, за владеење на правото, да ги усогласат со нивните дела и дејствија во практика, да ги усогласат со вистинските потреби на граѓаните за зрело демократско општество како најпожелно за нив.

-  Секој вклучително и политичарите треба да ги почитуваат одлуките на судот, не да ги политизираат, етнизираат. На нашето постапување и одлучување треба правилно да гледаат како на заштита на владеењето на правото. Кажав и ќе повторам не одат заедно јавно прокламираните заложби од секого за европски стандарди и владеење на правото и политизацијата и етнизацијата на постапувањето на Судот, дополни тој. 

Според Костадиновски, јавната администрација е ‘рбетот на државата, дава бројни услуги, а потребата за квалитетни услуги, како што вели, не познава етничка припадност или било каква припадност, туку, на сите нас ни се потребни стручни, компетентни, квалитетни ефикасни услуги од државата, а затоа и стручни и компетентни службеници.

При градењето на својот став во овој предмет, Костадиновкси информираше дека Судот го имал предвид и Извештајот за 2023 година на Европската комисија, разни споредбени решенија, но и одлуки, како што е Пресудата на Врховниот суд на САД (Students for fair admissions v. President and fellows of Harvard College, 2023). ар/аа/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан