• среда, 25 декември 2024

Костадиновски - Ле Риголер: Надлежностите на Уставниот суд на Северна Македонија се широки и суштински

Костадиновски - Ле Риголер: Надлежностите на Уставниот суд на Северна Македонија се широки и суштински

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Надлежностите на Уставниот суд на Северна Македонија, кои биле оценети како широки и суштински од страна на амбасадорот Ле Риголер, како и актуелни теми од интерес за градење на правна држава и улогата на Уставниот суд во владеењето на правото биле во фокусот на средбата на претседателот на Уставниот суд на РСМ, Дарко Костадиновски, заедно со судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер со амбасадорот на Република Франција, Кристоф Ле Риголер.

Како што соопштуваат од Уставен суд, на средбата, претседателот Костадиновски ја истакнал важноста од одржување блиски односи меѓу Уставниот суд на Северна Македонија и Уставниот совет на Франција, нагласувајќи ги традиционално добрите билатерални односи меѓу двете држави.

Претседателот Костадиновски му врачил на амбасадорот Ле Риголер официјална покана упатена до претседателот на Уставниот совет на Франција, Лорен Фабиус, за посета на делегација од Франција во 2025 година или учество на Балканскиот форум на уставни судови во 2026 година во Северна Македонија.

Исто така, Костадиновски го најавил своето учество на 10-от конгрес на Асоцијацијата на франкофонски уставни судови во мај 2026 година во Букурешт. ар/лв/

Фото:Уставен суд 

 

Остани поврзан