• среда, 18 декември 2024

Костадиновски-Георгиевски: Ќе се унапредува соработката на Уставен суд со Правниот факултет „Јустинијан Први”

Костадиновски-Георгиевски: Ќе се унапредува соработката на Уставен суд со Правниот факултет „Јустинијан Први”

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, денеска остварил работна средба со деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први” Сашо Георгиевски, на која се дискутирало за можностите за унапредување на соработката помеѓу Уставниот суд и Правниот факултет.

Костадиновски, како што е наведено во соопштението од Уставниот суд, го информирал Георгиевски за приоритетите во својот мандат, меѓу кои највисоко на агендата е интензивирање на соработката и интеракцијата меѓу Уставниот суд и науката.

Во рамки на предвидените активности, по повод 60-годишниот јубилеј кој го прославува Уставниот суд оваа година,како што информираат од Судот, предвиден е Меморандум за соработка со Правниот факултет.  Предлог-текстот на Меморандумот беше во фокусот на средбата и се очекува во најскоро време да биде потпишан.

-Изразувам искрено задоволство за Вашата подготвеност за соработка, лично сметам дека ставот и позициите на науката по важни општествени и особено релевантни теми за уставното судство се од исклучително значење и не случајно еден од врвните приоритети за мене е поголема присутност на науката, не само теоретски во стратегиите туку и во секојдневните активности, согласно надлежностите на Судот, потенцирал Костадиновски. 

Деканот Георгиевски ја поздравил подготвеноста и позитивниот пристап за воспоставување поинтензивна соработка помеѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први” и изразил очекување дека двете институции преку Меморандумот ќе имаат заемна корист. дма/цр

Фото: Уставен суд

 

Остани поврзан