• сабота, 23 ноември 2024

Костадиновска Стојчевска: Почитувањето на јазикот на сите етнички заедници е наша европска вредност

Костадиновска Стојчевска: Почитувањето на јазикот на сите етнички заедници е наша европска вредност

Скопје, 19 декември 2023 (МИА) -  Почитувањето на јазикот на сите етнички заедници е наша европска вредност. Со развивање на пријателско, мултикултурно општество ние ги воспитуваме младите да бидат одраз на современата држава која ги негува европските вредности, порача денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за време на нејзината посета во Општина Конче.

Министерката, која присуствуваше на свеченоста по повод одбележувањето на празникот на турската заедница – Денот на настава на турски јазик, го честита празникот, посочувајќи дека Министерството за култура ќе продолжи да ги поддржува проектите кои придонесуваат за развојот на турската култура.

-Една од заложбите на Владата и на Министерството за култура е негување и унапредување на традицијата и културата на сите народи што живеат во нашата држава, вклучително и на турската заедница, градејќи демократско општество еднакво за сите. Како политичари, како институции, како систем, како граѓани на оваа држава, се грижиме за јазикот и обезбедуваме услови за зачувување на националниот и културниот идентитет на сите заедници, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека нашата држава отсекогаш била простор на кој се развивале различни јазици и култури во духот на разбирањето и толеранцијата. Додаде дека турскиот јазик е дел од нашето богато мултиетничко и демократско општество.

-Нашите повозрасни со својата мудрост знаеле дека почитувањето и учењето на јазикот на другиот е богатство, а не непремостлива бариера. Тоа се давало и се примало како знак на пријателство и почит што нашиот народ ја има кон долгата традиција на турскиот јазик, кој има извршено големо влијание во говорот на целиот Балкан, рече Костадиновска-Стојчевска.

На настанот кој се одржуваше во Домот на култура, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Конче, присуствуваа голем број на гости и од земјава и Република Турција, како и поранешниот претседател на Големото национално Собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп.бт/аа/

Фото: Министерство за култура

 

 

Остани поврзан