• среда, 25 декември 2024

Костадиновска Стојчевска: Обезбедивме 40 милиони денари за капитални проекти за единиците на локални самоуправи

Костадиновска Стојчевска: Обезбедивме 40 милиони денари за капитални проекти за единиците на локални самоуправи

Скопје, 3 јули 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска информираше дека по објавениот Оглас за распределба на капитални дотации во областа на културата, од вкупно 13 пристигнати проекти од 11 општини, доделени се средства за девет проекти за чија реализација се распределени околу 40 милиони денари.

Како што соопшти Министерството за култура, министерката посочила дека Маврово и Ростуше во с. Тресонче и Општина Кривогаштани ќе добијат мултифункционални културни центри, а ќе се санира и културниот центар во Валандово.

-Инвестираме и во сценската инфраструктура на Крушево како важен културен, историски и туристички центар, како и во живописното Кратово, град кој е сѐ поатрактивна туристичка и културна дестинација. Започнуваме проекти за реконструкција и адаптација на зградата на Центар за култура Крива Паланка, како и за почеток на изградба на дом на култура во Општина Чашка. Продолжуваме со реконструкција на Спомен-домот „АСНОМ“ во Делчево, како и со изградбата на Домот на културата во с. Куклиш, Струмица, посочила министерката за култура.

Костадиновска Стојчевска изразила задоволство што се поддржани локални проекти и иницијативи кои го негуваат културното наследство, го поттикнуваат современото творештво и даваат можност граѓаните да се вклучат и да уживаат во културните активности.  Со овие дотации, додала таа,  ќе се создадат нови можности за уметниците и за културните организации, за развој на туризмот, стимулирање на локалниот економски раст и отворање нови работни места.  

-Културата игра клучна улога во формирањето на идентитетот на едно општество и во збогатувањето на животот на секој поединец. Таа нè поврзува, нè инспирира и нè облагородува. Со капиталните дотации отвораме перспективи за развојот на културата која зближува и покрај својата разноликост, а во тоа е и нејзината уникатност, рекла министерката.

Според Костадиновска-Стојчевска, капиталните инвестиции им овозможуваат на единиците на локалната самоуправа да реализираат многубројни проекти коишто ќе ја збогатат нивната културната понуда. Со нив, како што рекла, се предвидува изработка на проектно-техничка документација за изградба на објекти, реконструкција, ревитализација и санација на центри за култура, музејско-изложбени простори, адаптации на простори за културни и за други манифестации, осмислување летни сцени.бт/бак/

Фото/ Министерство за култура

Остани поврзан