• недела, 24 ноември 2024

Костадиновска Стојчевска, Лоранс Бун и францускиот амбасадор Бомгартнер во посета на МСУ

Костадиновска Стојчевска, Лоранс Бун и францускиот амбасадор Бомгартнер во посета на МСУ
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска заедно со државната секретарка надлежна за Европа при Министерството за Европа и за надворешни работи на Француската Република Лоранс Бун и со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер денеска го посетија Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје.
Како што објави Костадиновска Стојчевска на својот фејсбук профил, Музејот на современата уметност и француската колекција даваат извонредна можност да се поразговара за предизвиците во културата денес.
-Музејот е изграден врз темелите на солидарноста и на француските уметници и критичари кон постземјотресно Скопје. Највлијателната фигура во Париз во тоа време, директорот на Музејот на модерната уметност, господин Жан Касу, лично ја мотивирал париската сцена да учествува со ентузијазам во формирањето на Музејот во Скопје и неговата колекција, потенцираше министерката.
Таа напомена дека во рамки на посетата ги виделе делата на исклучителните автори Пјер Сулаж, Фернан Леже, Марта Пан, Пабло Пикасо, Ники де Сен Фал.
Според Костадиновска Стојчевска, посетата на МСУ, чиј гостин на почетокот бил и францускиот премиер, Жак Шабан Делмас, е во духот на продолжување на традиционално добрата соработка со Франција, и во насока на следните проекти за нашата европска интеграција, во која културата има темелна вредност. бт/дма/

Остани поврзан