• четврток, 26 декември 2024

Костадиновска - Стојчевска: Ако се утврди неправилност ќе одговарам, во спротивно ВМРО-ДПМНЕ ќе добие тужба

Костадиновска - Стојчевска: Ако се утврди неправилност ќе одговарам, во спротивно ВМРО-ДПМНЕ ќе добие тужба

Скопје, 26 август 2024 (МИА) - Да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Остантиот дел е тешка манипулација и целосна невистина. Вака денеска поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска одговори на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, дека трошела пари од службената картичка за лични потреби.

На прес-конференција во партискиот штаб, Костадиновска Стојчевска напомена дека дел од трошоците што ги презентирал Миле Лефков, се однесуваат на нужност таа да обезбеди основни услови за нејзино нормално функционирање на службено патување по лет на кој авиокомпанијата и го изгубила багажот.

Потврди и дека сите трошења за нејзините лични потреби биле реализирани исклучиво од нејзината лична, приватна сметка, а сите трошења кои биле нужни за службеното патување, биле реализирани од службена картичка, исклучиво согласно актуелните правилници и норми.

Костадиновска Стојчевска го повика Лефков од ВМРО-ДПМНЕ јавно да се соочат, преку некој од медиумите. Ако се утврди криминал во нејзиното работење, рече, ќе одговара пред кој било судија, но ако се докаже спротивното, ќе покрене, како што најави, тужба против ВМРО-ДПМНЕ.

-Одвратно е ова што го прават ама нема да паднам на нивното ниво. Тие нека продолжат со лаги, а јас со вистина. Не најдоа никако да ме оцрнат, не им се допадна извештајот од ДЗР за моето работење, не им се допадна што никој не може да го „стигне” трошењето на Бети, па нејзините две другарки денови поминале на гугл да наоѓаат места низ светот и да фалсификуваат сметки. Дали ова е страв од тоа што предметот за нивната омилена министерка уште не е затворен, па ги фатило паника кога пред неколку дена добиле барање од ОЈО да ги предадат извештаите од нејзините три службени картички? Дали им е страв дека ќе се види таму вистинскиот шопинг од 30.000 евра во Италија?, истакна Костадиновска Стојчевска.

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ се мајстори за изнесување лаги.

-Го повикувам пратеникот Лефков, нека дојде со копија од мојата службена картичка, ќе чешламе трошок по трошок на кој сака медиум. Нека одбере тој време и медиум. Јас стојам на располагање. Ако има криминал во моето работење, нека повелат да ми го симнат имунитетот, имаат можност за тоа и ќе се појавам пред кој сакаат судија. Ако се утврди неправилност, грешката ќе ја признаам и парите веднаш ќе бидат рефундирани. Ако не, ВМРО фалсификаторска ќе добие тужба и уште еднаш ќе биде потврдена како дезинформатор и маниулатор на македонскиот народ, подвлече Костадиновска Стојчевска.

Лефков вчера обвини дека Костадиновска-Стојчевска во октомври 2023 година, додека била на четиридневно службено патување во Лондон, со народни пари купувала чорапи, хулахопки, плишани мечиња, топки и куфери. Нарекувајќи ја „Бисера Антоанета”, Лефков најави серија на прес-конференции за „обелоденување на скандалот“. мч/ев/

фото: МИА

 


 


 

Остани поврзан