• четврток, 19 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Ќе најдеме стручен тим за да се мапираат дивоградбите во Струга

Костадиновска-Стојчевска:  Ќе најдеме стручен тим за да се мапираат дивоградбите во Струга

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека доколку Општина Струга нема капацитети или средства, може да и се помогне со стручен тим кој ќе ги мапира дивоградбите.

-Можеме да помогнеме во Струга, ако немаат капацитети или средства. Ќе најдеме стручен тим за да се мапираат дивоградбите. Доколку не одговорат на последното задолжување од Владата, имаме начин како да пратиме таму некој да ги мапира бесправно изградените објекти, рече Костадиновска-Стојчевска во вестите на Сител.

Додаде дека одземањето на надлежностите на општината не е едноставно, но е една од опциите доколку не се постапува по барањата на Владата.

-Ако некој не постапува, ние ќе направиме наш стручен тим, ќе побараме и странска помош доколку е потребно и ќе направиме се што можеме за да го зачуваме статусот што го имаме во УНЕСКО, вели Костадиновска-Стојчевска.

Според неа, нема да е крај на светот дококлу сме ставени на листата на наследство во опасност, но тоа ќе значи поголеми контроли и реферирање до УНЕСКО секоја година.

-Првата реактивна мисија на УНЕСКО дошла во земајва во 2017 година, кога се воочило преголемо дерогирање на карактеристиките на Охридскиот регион. Има седум години вакуум, кога не се постапувало воопшто по планот за управување со Охридскиот регион. Сега ги гледаме последиците од тоа, вели Костадиновска-Стојчевска.

Во контекст на тоа додаде дека Законот за управувањето со Охридскиот регион бил донесен во 2010 години, меѓутоа до 2017 година не се преземале мерки поради што се загрози статусот во УНЕСКО.

-Процесот за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион е процес на кој не може да се стави точка. Не може да кажеме дека сме задоволни и тука да застанеме. Овој процес ќе продолжи и по исполнувањето на 19 препораки, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Министерката смета дека целата држава треба да биде вклучена во процесот за зачувување статусот на заштитено наследство во УНЕСКО, бидејќи тоа не е процес кој може да го направи едно министерство, една општина или една агенција. дма/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан