• среда, 27 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Учителската мисија на Кирил и Методиј е наша светост и гордост која ја славиме и денес

Костадиновска-Стојчевска: Учителската мисија на Кирил и Методиј е наша светост и гордост која ја славиме и денес

Скопје, 24 мај 2024 (МИА) - Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во денешната честитка по повод Денот на сесловеснките просветители - 24 Мај, порача дека учителската мисија на Кирил е Методиј е наша светост и гордост која ја славиме и денес.

-Светите Кирил и Методиј, со својата духовно-просветителска мисија имаат темелно значење за македонската култура и јазик. Со нивното проповедање и учење ја поставиле основата на словенската писменост и литература. Тие ја обликувале првата азбука позната како глаголица и придонеле за создвањето на денешната наша азбука, додаде министерката.

Како што посочи, и покрај отпорот и несогласувањето на голем број свештеници и државни водачи, Кирил и Методиј успеале да го наметнат словенскиот јазик во ширење на христијанството, покрај еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Таа додаде дека никој не успеал да ја совлада нивната истрајност и упорност во описменување на народите и затоа нивната учителска мисија е наша светост и гордост која ја славиме и денес.

-Хроничарите низ историјата запишале дека Кирил и Методиј живееле и твореле за буквите, за јазикот и за писменоста. Секој 24 мај се присетуваме на нивната големина и важност и му даваме посебно значење на нивниот светоглед и универзалната вредност. Следејќи ги идеалите и заложбите на сите просветители ние имаме јазик признат во светската ризница на јазици со свои особености и карактеристики. Македонскиот јазик е нашата култура и нашиот идентитет. И денеска им се поклонуваме за големото трајно дело. Нека ни е честит 24 мај – Денот на сесловенските и македонските просветители!, посочи Костадиновска-Стојчевска. бт/аа/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан