• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Со реконструкција на Старото училиште во Љубојно ја зацврстуваме колективната меморија на државата

Костадиновска-Стојчевска: Со реконструкција на Старото училиште во Љубојно ја зацврстуваме колективната меморија на државата

26 март 2024 

Министерката за култура Бисера Костадиновска–Стојчевска во интервју на ТВ „Слободен печат“, говореше за значењето на Старото училиште во Љубојно и негово прераснување во Центар за промоција на македонскиот јазик. 

Таа рече дека овој објект не само што е важен поради тоа што претставува едно училиште каде што се образувало голем дел од населението, туку таму се школувале  дури и некои од  денешните лекари, наставници кои живеат не само во тој регион од државата, туку низ цела држава, па и надвор.

„Старото училиште во Љубојно е стратешки и важен објект затоа што претставува место кое е врзано со колективната меморија на сите во цела држава. Тој објект ќе претставува Центар за промоција на македонскиот јазик и афирмација на македонската култура преку разни видови проекти. Еден дел од активностите на Советот за македонски јазик ќе се одвиваат таму.  Вториот аспект е да се одржуваат едукативни семинари, часови по македонски јазик за да може училиштето да го вратиме на онаа првобитна дејност која што ја имало“, изјави министерката за култура во однос на актуелната реконструкција на Старото училиште во Љубојно, за која што Владата обезбеди двегодишно финансирање, по што објектот ќе биде ставен во функција.

Министерката за култура изрази задоволство што по минатонеделната посета, локалното население ја чува меморијата за значењето на училиштето. „Навистина ми е драго што нивните очекувања се веќе остварени, како што и самите кажуваат, тоа беше еден процес кој многу долго се најавувал, меѓутоа јас и минатата година кажав дека таму моравме да почнеме буквално од почеток“, рече Костадиновска-Стојчевска.

„Законот за употребата на македонскиот јазик на огромно задоволство на сите се донесе во втората половина на јануари по што ги започнавме подготовките за сè она што произлегува од самиот Закон и негова ефикасна имплементација“, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во интервју на ТВ Слободен печат, зборувајќи за приоритетите на Министерството за култура за заштита и унапредување на македонскиот јазик.

Костадиновска-Стојчевска појасни дека покрај задолжителното вработување на лектори во институциите, она што е голема придобивка од донесувањето на овој закон е Инспекторатот за македонски јазик кој, како што рече, правно се формираше, но се чека завршување на изборниот процес за именување директор на институцијата.

Таа истакна дека редовно се одвива постапката за полагање лекторски испит, а дека според податокот кој го има во Министерството за култура, регистрирани се 484 лиценцирани лектори кои ги добиле своите лиценци од почетокот кога се воспоставил тој испит за лиценцирани лектори до 2015 година и од 2017 година.

„Пред седум години се појави вакуум во полагање лекторски испит, нешто што од 2017 година е исправено, со што полагањето се одвива според законските норми, и без застој“, заврши министерката за култура, осврнувајќи се на актуелностите  што Министерството за култура ги презема во насока на негување на македонскиот јазик.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во интервју на ТВ „Слободен печат“, говорејќи за искористеноста на европските фондови-ИПА програмата во културата, ја посочи Националната установа „Стоби“ како пример која секоја година добива одредени фондови, за истражувања, зашто се работи за богат локалитет кој на посетителите секојдневно им нуди нешто ново.

„Неодамна промовираниот Центар за посетители во ’Стоби’ е нешто што му беше неопходно на локалитетот. Мене ми е многу драго кога самите установи покажуваат интерес и капацитет за изработка на квалитетни проекти со кои аплицираат и добиваат средства од европските фондови. Она што го видовме во ’Стоби’ беше навистина еден извонреден проект кој што претставува не само Центар за посетители туку има и свој едукативен елемент“, рече министерката за култура, додавајќи дека и бројните работилници кои ги организра ’Стоби’ со студенти по археологија од цел свет, сега ќе се одвиваат во Центарот за посетители.

Особено добра реализација има и Завод и Музеј -Битола, истакна министерката за култура, во однос на искористеноста на ИПА програмите за меѓугранична соработка.

„Интеграцијата во Европската Унија носи придобивки во културата, такви се овие проекти кои се спроведуваат преку Завод и Музеј -Битола, како што се проектите од ‘СмартКултур’ кои се спроведуваат со Грција и со Албанија. Меѓу другото на овој начин се реновираше Пациото во Битола, беше изработен  проектот на Музејот на Стерјо Спасе во Република Албанија, што беше важно за населението кое живее таму, за културата и за економијата во регионот“, рече министерката за култура. 

Костадиновска-Стојчевска, преку европските фондови најави реконструкција на Домот на културата во Ресен, како и првите истражувања на Преспанското Езеро.

„Кофинансирањето со европски средства е голема придобивка за развој на културата кај нас. Тоа е меѓу другото и целта на пристапните преговори за ЕУ, зашто сега имаме можности за искористување на тие фондови, но како полноправна членка ќе имаме уште поголеми можности“, објасни Костадиновска-Стојчевска.

Таа ги издвои придобивките од помошта во заштита на културното наследство што државата ги има преку грантовите на Американскиот амбасадорски фонд, и останатите фондови на ЕУ, меѓу кој е и Еуримаж, филмскиот фонд кој во иднина ќе го олесни снимањето на филмски серии во државата.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во интервју на ТВ Слободен печат, говорејќи за напредокот во реконструкцијата на Универзалната сала, рече дека е во тек првата фаза која се реализира со засилена динамика и според сите договори што Министерството за култура ги презеде од Градот Скопје.

„Во овој момент во Универзална сала е во тек првата  фаза од реконструкцијата на самиот објект и она што го гледаме деновиве претставува токму симболично  крунисување на целиот овој процес, кој беше долг и комплексен во однос на преземањето на ингеренциите, завршувањето на сите процедури и сè она што значеше привршување односно продолжување на работата во таа прва фаза.

Работите се одвиваат со поголем интензитет, од неколку причини. Најважно е тоа што Универзална сала е многу потребна да се врати назад во употребна состојба“, рече министерката за култура.

Таа додаде дека во интерес на ефикасна реализација, веднаш е започната и втората фаза, јавна набавка за надзор.

Костадиновска-Стојчевска го најави присуството на реактивната мисија на УНЕСКО, која од утре престојува во Охрид. Таа најави дека е ова редовна мисија која следи по Одлуката, Охридскиот Регион да го задржи статусот во УНЕСКО и да остане на листата на заштитени добра на УНЕСКО.

„Но, во меѓувреме, ние моравме да исполниме некои предуслови. Првиот беше да поднесеме нов ревидиран план за заштита на Охридскиот Регион, што ние го направивме. Второто беше да донесеме нови измени во Законот за заштитување и управување на старото градско јадро на Охрид, исто така го направивме, и тој документ е веќе во собраниска процедура“, посочи министерката за култура.

Министерката за култура објасни дека во овој сложен процес се вклучени, покрај  Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање, општините, како и институциите не само од областа на заштита на културно наследство туку и од областа за заштита на животна средина.


 Министерство за култура 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Министерство за култура 


 
 

 

Остани поврзан