• четврток, 26 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Потпишаната програма за соработка со Италија нуди поволности за младите – стипендии, размени, заеднички можности

Костадиновска-Стојчевска: Потпишаната програма за соработка со Италија нуди поволности за младите – стипендии, размени, заеднички можности

Скопје,20 октомври 2022 (МИА) - Поинтензивна соработка меѓу сродни институции, размена на уметници, научници и млади луѓе, како и широк спектар на активности кои уште повеќе ќе ги доближат двете земји, се содржани во петтата Програма за соработка на полето на културата, образованието и науката меѓу Северна Македонија и Италија, што денеска ја потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри.

Како што информираат од Министерството за култура, во своето излагање во Музејот на современата уметност, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека оваа петта Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката, која има важност до 2025 година, нè исправа пред нови шанси за продлабочување и зацврстување на комуникацијата, размена на искуства и афирмација на вредностите на двете земји. 

- Задоволни од сè што е постигнато досега, знаеме дека секогаш може подобро и повеќе, и во размената на искуства во заштитата на културното наследство, и во негувањето на двата јазика во обете земји, во соработката во кинематографијата, нашето претставување на Венециското биенале и чествувањето на Св. Кирил во Рим. Програмата нуди посебни поволности за младите на полето на науката, образованието и културата, стипендии, размени, заеднички можности, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Таа им честиташе на италијанските уметници Масаруто и Геци за изложбата поставена во МСУ, која, како што рече, предизвикува голем интерес во нашата јавност, отвори нови прашања и актуализира универзални теми од кои сме засегнати сите.

Амбасадорот Силвестри додаде дека минатиот месец, за време на неговата официјална посета на Скопје италијанскиот претседателот Серџо Матарела, меѓу многуте важни теми од билатерален интерес, даде особено значење на соработката на полето на културата, поле каде што Италија се смета за суперсила.

- И среќен сум што само еден месец по посетата успеавме да го организираме потпишувањето на овој значаен документ, истакна Силвестри.

Силвестри како особено значајни ги истакна културните проекти реализирани меѓу двете земји, а најави дека ќе биде организирана и Недела посветена на италијанската кујна, која има културна вредност, препознаена и од УНЕСКО. Силвестри посочи дека во рамките на договорот, посебно внимание е посветено и на промоцијата на италијанскиот и на македонскиот јазик, а истакна дека Програмата предвидува и пилот-проект за изучување на македонскиот јазик во италијанските училишта каде што дијаспората е најприсутна. Тој потсети дека во тек е и Неделата на италијанскиот јазик во светот којашто започна во понеделникот и е посветена на италијанскиот јазик што го говорат младите.

Сегмент од културната размена меѓу двете држави е и изложбата „Современи екосистеми“ од италијанските уметници Антонио Масаруто и Роберто Геци, која до 26 октомври ќе биде поставена во Музејот на современата уметност.

Изложбата која е остварена благодарејќи на престојот на уметниците во новиот Национален парк „Шар Планина“ има цел за ја стимулира јавната свест за важноста на локалното природно наследство. На прес-конференцијата беше нагласено дека голем број дела од оваа изложба ќе бидат донирани на МСУ и на други инстутиции покровители на проектот. дма/сп/

Остани поврзан