• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Повисок буџет за филм и донесување нов закон, според европски стандарди

Костадиновска-Стојчевска: Повисок буџет за филм и донесување нов закон, според европски стандарди

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на средба со филмските професионалци, на нивно барање, на која е разговарано за Буџетот за 2024 година за филмската дејност и негова стандардизација, за обезбедување посебни средства за ТВ серии и за донесување нов закон за филм според европски стандарди.

На средбата, како што информираат од Министерството за култура, која протече во констуктивна атмосфера, во Кинотеката на Република Северна Македонија, филмските професионалци и министерката за култура се договорија заеднички да ги продолжат процесите кои се започнати во однос на нормативното уредување.

Во однос на посебниот буџет за ТВ серии, Костадиновска-Стојчевска предложила Министерството за култура да изготви предлог измена во Законот со кој ќе биде доставен до Собранието, а потоа, Агенцијата за филм и самите филмски работници да вложат напори тој предлог да биде усвоен, и да се најде решението - како и нашата држава да произведува ТВ серии кои имаат важна улога во одржувањето на македонскиот јазик, култура, традиција.

Како што се наведува во соопштението од Министерството, во однос на стимулацијата на продукција на ТВ серии, Костадиновска-Стојчевска го поддржува и договорот кој е потпишан со Еуримаж, за пилот програмата за ТВ серии, за кој како што кажа, самата се заложила да се најдат потребните средства за влезниот билет, наспроти немањето слух кај Агенцијата за филм.

-Со овој договор, од следната година на македонските продуценти на серии во наредните три години на располагање ќе им бидат средства од 15 милиони евра, појасни националната претставничка на европскиот фонд, Тања Пепељуговска.

За стандардизација на буџетот биле продложени два модели - финансирање по глава на жител или загарантиран процент од државниот буџет. Дотогаш, било заклучено Агенцијата за филм и Министерството за култура при креирањето на буџетот за следната година да се заложат на враќање на буџетот што Агенцијата го имала пред да ѝ се намалат средствата и за 2024 година да се аплицира со барање за годишен буџет од 5 милиони евра.

Министерката за култура ги поддржала филмските работници во нивната потреба од донесување нов закон, при што посочи дека Владата има усвоено предлог за донесување Стратегија за развој на филмската дејност, врз основа на која ќе се утврди потребата од нов закон за филмската односно аудиовизуелната дејност.

-Во 2019 и во 2020 по основ на изработка на нова Национална стратегија за развој на филмската дејност беа исплатени повеќе од 20.000 евра. Но, и до ден денес Стратегија не се изработи. Од вас зависи натамошното унапредување во дејноста, затоа е потребно да направите работни групи за изготвување на Стратегијата и на новиот закон, за што службите во Министерството ви стојат на располагање“, а потоа да пристапиме кон нивно усвојување, истакнала Костадиновска-Стојчевска.

Таа го посочила големото значење на филмската уметност и на филмската индустрија во земјава, за афирмацијата која ја има државата и македонската култура преку успесите на македонските филмови кои се веќе препознаени во светот, и затоа, како што се наведува во соопштението, истакнала дека е на страната на филмските професионалци во надминување на сите отворени прашања за иднината на филмската дејност во земјава. фф/дма/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан