• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Не се преговара за македонскиот јазик во преговорите со Бугарија

Костадиновска-Стојчевска: Не се преговара за македонскиот јазик во преговорите со Бугарија
Скопје, 23 февруари 2022 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во вечерашното интервју за емисијата „24 анализа“ изјави дека во дијалогот со Бугарија воопшто не се преговара за македонскиот јазик и идентитет. - Како професор по јазик ми пречи дискурсот којшто се наметнува во јавноста дека некој некаде седи на маса и како мезе го поставува македонскиот јазик и идентитет. Морам да го освежам сеќавањето дека зборовите на Блаже Конески остануваат сеприсутни: „Се дури го имаме јазикот, ја имаме и државата“. Зборуваме за македонски јазик којшто е посебен, засебен, никој никаде не го разнебитува јазикот, ниту идентитетот. Не се преговара, ниту било побарано тоа од нас, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа, меѓу другото во интервјуто, истакна и дека сите плати на културните работници се исплатени и сите договорни услуги. - Колективниот договор на културата завршува и треба да се потпише нов, но платите во културата се солидно покачени. Платите се едни од посолидните не само поради колективниот договор кој ги уредува нивните права, туку и институциите кои имаат право да работат во недела. Како министерка за култура очекувам соработка од сите чинители во културата, изјави Костадиновска-Стојчевска. Таа посочи дека проектите кои биле приоритетни во минатото, ќе бидат и во нејзиниот мандат. ир/сп/

Остани поврзан