• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Обезбедивме простор за трајно сместување на ДЛУМ

Костадиновска-Стојчевска: Обезбедивме простор за трајно сместување на ДЛУМ

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Министерството за култура денеска соопшти дека е обезбеден простор за трајно сместување на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), со што се решава деценискиот проблем на Друштвото.

На денешната седница, Владата донела Одлука за давање на трајно користење на простор на Здружението за афирмација на ликовното творештво, организација на ликовниот живот и збогатување на ликовната култура, Друштво на ликовните уметници на Македонија - Скопје. 

-Конечно, ДЛУМ добива свој галериски простор каде што ќе ги реализира своите традиционални изложби, и ќе испровоцира многу нови идеи за збогатување на домашната сцена, како и соработки на меѓународен план, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Новиот простор за ДЛУМ се наоѓа на улица „Илинденска“, а е објект за кој ДЛУМ достави барање до Министерството за култура како можност за трајно решение и на на нивниот децениски нерешен статус.

-Огромно е задоволството што успеавме да ја реализираме идејата ДЛУМ да го добие овој објект на атрактивна локација, со што правиме историски исчекор во зацврстување на статусот на најстарото еснафско уметничко здружени во земјава и создаваме услови  за негово современо развивање и иднина. Искрено верувам дека во својот дом, по децениско талкање и барање соодветни услови за работа, бројните членови на ДЛУМ, наследници на основополжниците на ликовната уметност кај нас: Мартиновски, Личеновски, Димитар Андонов-Папрадишки, Поповиќ-Цицо, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Михајло Шојлев, ќе најдат нова инспирација за ново и возбудливо творештво. Верувам дека оваа куќа на ‘Илинденска’, ќе стане едно од централните места за афирмација на македонското современо ликовно творештво од каде што ќе се создадат нови дела кои далеку ќе ја афирмираат нашата култура, вели Костадиновска-Стојчевска, се посочува во соопштението од Министерството за култура.

По формирањето во 1946 година ДЛУМ го имаше салонот под Калето, галеријата во ГТЦ, и уште неколку обиди за вдомување како потстанари во разни објекти кои не ги исполнуваа условите за галерија. До оваа одлука за трајно решавање на просторот, ДЛУМ корсти канцеларија во Домот на АРМ во Скопје и плаќа надомест за своите изложбени активности. мс/ев/

ФОТО: Министерство за култура 

 

Остани поврзан