• среда, 20 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска јавно упати повик веднаш да се свика Комисијата за култура во Собранието и да се усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик, порачувајќи дека македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси.

-Упатувам јавен апел до претседателот на Комисијата за култура во македонското Собрание, Кастриот Реџепи да ја активира работата на Комисијата и да обезбеди амандманска расправа за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик. Секое одложување на овој процес е во директна спротивност со меѓусебното и меѓукултурно почитување на различните заедници во нашето општество. Јазиците се средство за комуникација, но и културно наследство и идентитетско обележје, а македонскиот јазик е прв официјален јазик на нашата држава. Неговата заштита, промоција и употреба е приоритет кој мора да биде обезбеден и испочитуван, напиша на својата Фејсбук страница министерката Костадиновска-Стојчевска.

Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е изготвен и усогласен со Советот за македонски јазик, а во негова изработка учествуваше и пошироката стручна јавност. Носењето на новиот закон е поддржано од сите пратенички групи кои изразија подготвеност амандмански да учествуваат во неговата финализиција.

-Уште еднаш апелирам до претседателот на собраниската Комисија за култура, Кастриот Реџепи да покаже политичка одговорност кон македонските граѓани за важноста од донесувањето на овој закон, пишува министерката Костадиновска-Стојчевска. дма/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан