• четврток, 26 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: И покрај скратениот буџет на културните работници, не очекува богато културно лето

Костадиновска-Стојчевска: И покрај скратениот буџет на културните работници, не очекува богато културно лето
Скопје, 8 јули 2022 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска изјави дека и покрај тоа што со Ребалансот на буџетот се кратат околу 30 отсто од средствата за културните работници, сепак, не очекува богато културно постковид лето. Министерката информира и дека веќе сите уметници се известени во врска со кратењето на средствата и нагласи оти и тие самите се свесни и прифатиле да работат и со намалени средства од Министерството за култура. - Кратењето во однос на средства беше усогласено, односно беше нешто одобрено со синдикатите. Кога станавме сите свесни за одржливост на платите и културата, моравме да најдеме начин од каде ќе се кратат средства, уште на состанок во март беше предочено од каде би можеле и тогаш сфатив дека ние имаме навистина културни работници за почит кои рекоа дека културата ќе опстои и со намалени средства од Министерството. Нè очекува богато културно постковид лето, каде ќе ја видиме културата во сиот сјај. Веќе се известени, се известуваат, но мислам дека после две години затворени во ковид и самите беа свесни што ни следува ова година, каде сме соочени со минимум четири светски кризи кои за жал нè не одминаа, рече Костадиновска-Стојчевска. Критериумите за распределба на средствата, како што посочи министерката, се еднакви за сите. - Нема привилегирани, нема оштетени, нема некои што имаат предност, нема некои да немаат предност, нема некој да е заборавен. На средина од годината сме, веќе има некои реализирани проекти, но никој нема да биде оштетен, бидејќи тоа финансирање се однесува на цела година. Нешто е веќе реализирано, а нешто од втората половина од годинава би можело да претрпи некое препрограмирање, репрограмирање на некои долгови, бидејќи сите се согласивме да не се кратат капиталните ивнестиции, бидејќи сведоци сме на архитектура, на градба на нашите стари центри и театри за култура каде никој не вложил, заклучи Костадиновска-Стојчевска. бт/мс/

Остани поврзан