• четврток, 19 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска на јубилејот на Институтот за национална историја: Минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите

Костадиновска-Стојчевска на јубилејот на Институтот за национална историја: Минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите, истакнала министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска се обратила на меѓународниот научен симпозиум по повод 75 години од основањето на Институтот за национална историја во Македонската академија на науките и уметностите.

Како што соопшти Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска изразила уверување дека идејата за денешната меѓународна конференција „Европа и Македонија: идеи, процеси и личности“, на која учествуваат научници, истражувачи и интелектуалци од Унгарија, Полска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, ќе ја потврди суштината на зборовите дека идентификувањето на случувањата во минатото е работа на историчарите кои ги респектираат фактите.

- Наша заедничка должност е и да ја поттикнеме страста за истражување и откривање на историските процеси, особено меѓу младите. Историјата, не како товар, туку како идентитетска карта на една држава која му припаѓа на европското семејство и на европските вредности. И Институтот за национална историја има огромна улога во тоа, рекла Костадиновска-Стојчевска.

Според министерката, Институтот за национална историја е институција од огромна важност за иднината на македонската држава.

- Низ годините, Институтот прераснува во развиена научна установа, со респектиран научен кадар и институција подготвена да се соочи со многубројни предизвици. И во оваа пригода, на сите што го основаа, го подигнаа и го етаблираа Институтот за национална историја, им благодарам што подигнаа здрав бедем, потенцирала Костадиновска-Стојчевска.

На отворањето на дводневниот симпозиум, се обратиле и директорот на Институтот за национална историја Драги Ѓоргиев и новата ректорка на скопскиот Универзитет Билјана Ангелова. бд/бак/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан