• петок, 22 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Драмски со фестивалот „Рута“ е уште еден мост за поврзување на регионот

Костадиновска-Стојчевска: Драмски со фестивалот „Рута“ е уште еден мост за поврзување на регионот

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Со домашна премиера, претстава на скопскиот Драмски театар, почна второто издание на регионалниот Театарски фестивал „Рута“ во земјава.

„Фирма“ по текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг и во режија на Нела Витошевиќ, е првата претстава на фестивалот кој го поврзува театарскиот живот на регионот.

На отворањето на неколкудневниот тетарски празник во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги поздрави актерите и гостите од сцената на Драмски, која, како што рече, буди посебна емоција и посочила дека преку театарот, уметниците успеаја да го подигнат и да го одржат мостот наречен „Рута“.

– Ви благодарам што давајќи дел од себе нè опоменувате и нè потсетувате на последиците од алчноста, од отуѓеноста, од кусогледоста, од непромисленоста. Нè потсетувате на повторливоста на смртоносните пандемии, на бавното ослободување на жената, на еволутивните слабости на човештвото. Вашата улога, веројатно, најдобро ја опиша уникатниот режисер Јагош Марковиќ, кој, за жал, веќе не е меѓу нас: „Мораме да сведочиме. Мораме едни на други да кажеме – за да не помислиме дека сè е во ред“, рече Костадиновска-Стојчевска. 

Како што информираат од Министерството за култура, заблагодарувајќи се за гостувањето на сите ансамбли на ова издание на фестивалот „Рута“, министерката Костадиновска-Стојчевска ги поканила театрите од регионот со посебно внимание да се вклучат преку „Рута“ и во 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата.

– Регионот му е потребен на Скопје. Скопје му е потребно на регионот, рече Костадиновска-Стојчевска.

Фестивалот продолжува со „Декамерон“ на „Градско позориште“ од Подгорица во копродукција со „Народно позориште“ од Ниш, на режисерот Пројковски и со „Нора“ на „Местно гледалишче“ од Љубљана, Словенија, во режија на Нела Витошевиќ. Следуваат претставите „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево во режија на Дино Мустафиќ и „Самрак на боговите“ на Београдско драмско позориште во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.

Со претставата „Отело“, пак, театарот „Улисис“ од Хрватска го затвора фестивалот „Рута“ в недела (8 октомври). Режијата е на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на Улисис, е направена и со членовите на Сараевски ратни театар од Сараево. фф/мд/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан