• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Достапна прва едиција стикери на македонски јазик на Инстаграм

Костадиновска-Стојчевска: Достапна прва едиција стикери на македонски јазик на Инстаграм
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Достапна е првата едиција стикери на македонски јазик за социјалната мрежа Инстаграм. Како што информираше министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, станува збор за 13 стикери кои можат да се најдат под рубриката ГИФ, со впишување на клучни зборови како: петок, petok, петокмие, petokmie. -Станува збор за фрази, зборови кои се дел од разговорниот јазик на помладите генерации. Истите можат да се слушнат при нивните разговори на кафе или пијачка, во читална, во аулата на факултет, во парк, во маало или сл. „Дојди во маало“, „Штеди, криза е“, „Верувај во себе“, „Ај на клупи“, „Седни учи“, „Тотално зелени“, „Испитна ми е“, „Не се сите исти“, „Лето е“ се дел од првата група стикери, пишува министерката на Фејсбук. Целта е да се поттикнат младите на социјализација, учење и реализирање на нивните обврски, кон себе си и заедницата во која живеат. Втората група стикери, како што посочи министерката, се однесува на моментите на дружење, дочекување на викендот, како период кога одмараме, имаме повеќе време за себе и за луѓето кои ги сакаме. И тука можете да се користат стикерите како: „Петок ми е“, „Живеам за викенд“ и „Сите сме луди“. -Основната цел е младите, но и сите граѓани повеќе да го користат македонскиот јазик на социјалните мрежи. Дигиталните медиуми и алатки, социјалните мрежи го променија начинот на комуникација. Со тоа, треба и ние да се адаптираме на промените и македонскиот јазик уште повеќе да го доближиме до младите луѓе, додава министерката за култура. Според Костадиновска-Стојчевска, заштитата и афирмацијата на јазикот треба да биде од секој аспект, вклучително и во контекстот во кој се однесуваат и изразуваат новите генерации. -Овие стикери за социјални мрежи произлегуваат од она што младите навистина го зборуваат меѓу себе. Повикуваат на акција, одговорност, но содржат и моменти на хумор и фрази кои ги користат во секојдневната неформална комуникација, смета министерката. Првата едиција стикери на македонски јазик е авторски проект на Ико Илиевски и Димитар Караташев, дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2022, објавен од Министерството за култура. бт/нд/

Остани поврзан