• недела, 24 ноември 2024

Костадинова: На 23 април ги славиме авторите чии дела со векови ја пленат нашата имагинација

Костадинова: На 23 април ги славиме авторите чии дела со векови ја пленат нашата имагинација
Скопје, 26 април 2022 (МИА) - Моќта на книгите треба и мора целосно да се искористи. Еден од најдобрите дарови или благослови кои човек може да ги посака е желба за читање, волјата за нови знаења и љубопитноста во читањето, затоа што таа желба е мостот од мракот на незнаењето кон просветлувањето, порача в.д. директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје, Јелисавета Костадинова по повод Светскиот ден на книгата и авторското право - 23 април. Таа напомена дека на 23 април секоја година човештвото, славејќи ги книгите и авторското право, ги слави и нивните автори кои ни даваат исечоци од животот на човештвото низ многу периоди како и увид во многу други реалности. Поради оваа причина, како што рече, секоја година на 23 април, денот на кој починале великаните како Вилијам Шекспир и Мигел де Сервантес, ние ги славиме и авторите и писателите чии дела со векови ја пленат нашата имагинација. -Денес им одавам почит и на сите професии кои се поврзани со книгите. Тука пред се би ги ставила субјективно библиотекарите, но и уредниците, издавачите, преведувачите, доставувачите на книги кои одиграа клучна улога во овие пандемски времиња. Овие благородни професии ни овозможија ширење на нашето книжевно наследство и ние мораме континуирано да ја признаваме нивната вредност, рече Костадинова во своето обраќање во библиотеката, каде денеска се одбележа Светскиот ден на книгата. Според в.д. директорката, книгите ја имаат единствената одлика истовремено и да не разберат, да не поучуваат. Тие се средство за истражување на области надвор од нашето лично искуство, преку изложување на различни автори, идеи и култури. -Оваа чудесна моќ на книгата ни е многу потребна на сите во моментов. Една подзаборавена исламска поговорка вели „Понекогаш човек е подобро да остане без чевли отколку без книги, затоа што книгите ќе ве научат и како се создаваат чевли, и како се продаваат чевли и како да се стекне со стотици парови чевли ако тоа е навистина вашата среќа и желба а ќе ве одведат и на местото каде со чевли пак не се стасува“. Членските картички од библиотеките се моќно оружје за промена на животот. Со нив ние учиме како да го цениме она што го имаме, да жалиме за изгубеното но најважно да сонуваме за тоа што би можеле да станеме, рече Костадинова. Заменик-амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Ернесто Хередеро дел Кампо во своето денешно обраќање во НУБ „Св. Климент Охридски“ посочи дека Денот на книгата најпрвин почнал да се одбележува во Шпанија, при што во првите години, според тогашната традиција, се подарувало по една книга на мажите и по една роза на жените. Меѓутоа сега, како што рече, според статистичките податоци во Шпанија, жените читаат повеќе од мажите. Денес Светскиот ден на книгата се одбележува со подарување по една книга и роза на сите читатели. Проф. д-р Анастасија Ѓурчинова денеска ја прочита пораката од нашата земја до светот по повод Светскиот ден на книгата. -Кога денес велиме книга мислиме на нејзините форми, видови и родови, од глинените плочки, преку Гутенберг, се до дигиталната верзија на електронските книги. Мислиме на книгата во оригинал, која е столбот на човечката креативност, инвенција и слобода на говорот, но исто така и на книга во превод, која сведочи за бескрајните можности на планетарно поврзување меѓу луѓето, јазиците и културите. Мислиме на макотрпноста на авторството, на авторските права и на вреднувањето на авторскиот труд, во оригинал и во превод, се вели меѓудругото во пораката на Ѓурчинова. Како што напоменува таа во пораката, неспорна е во овој процес улогата на библиотеките во грижата за книгата, книгите и писателите. Потоа, како што додава, оние кои читаат проживеале илјадници други животи. Тие беа присутни на итката кај Ватерло, беа кога Каин го уби Авел, кога Ренцо се ожени со Лучија, кога Леопарди и се восхитуваше на бексонечноста, бидејќи читањето покрај се друго, е и нашиот скромен прилог на патот кон бесмртноста. Во овогодинешната порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право од генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азуле се вели дека книгите уште одамна ја отелотворуваат човечката способност за создавање светови и реални и замислени, давајќи глас на различните човчеки искуства. -Во моментов покрај важноста на книгите за доживување на социјална благосостојба, издавачката индустрија се соочува со големи пресврти пред се од дигитална трансформација, а овие предизвици станаа навистина јасни за време на ковид-19, кога падот на приходите ја зголеми ранливоста на авторите и на продавачите на книги, како и на други креативни професионалци. Во несигурни времиња мора да ги цениме и браниме книгите како симболи на надеж и дијалог, да се солидаризираме со професионалците кои го шират нашето книжевно наследство, се вели во пораката. Денеска по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, во холот на НУБ „Св. Климент Охридски“ на читателите им беа подарени книги и рози.бт/дма/

Остани поврзан