• среда, 27 ноември 2024

Косовско Претседателство: Случката со Османи на скопскиот аеродром е чиста провокација и намера да се предизвика инцидент

Косовско Претседателство: Случката со Османи на скопскиот аеродром е чиста провокација и намера да се предизвика инцидент

Приштина, 3 август 2024 (МИА) – Претседателството на Република Косово во петокот излезе со соопштение до јавноста во кое ја изразува својата огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“ по инцидентот со претседателката Вјоса Османи на скопскиот аеродром, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението по повод инцидентот се наведува дека Османи единствено одбила да го даде на скенирање својот телефон, кој го користи како шеф на државата за официјални комуникации и за прашања од националната безбедност.

-Наместо да побара извинување, вчера и денеска (четврток и петок) Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија целосно го оправда барањето на аеродромското обезбедување да го земе и скенира личниот телефон на претседателката на Република Косово, кој шефот на државата го користи за официјални комуникации и за прашања од националната безбедност. Претседателката со право одби такво нешто, врз основа на советите кои со години ги добива од самите безбедносни институции. Всушност, денеска скопскиот аеродром, како и самото Министерство за внатрешни работи, признаа дека наредбата е дадена од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија за ваква контрола, што е целосно во спротивност со правилата за постапување со шефовите на држави според дипломатските практики, се вели во соопштението на Претседателството.

Понатаму, оваа институција дава опис на инцидентот и ги споменува меѓународните практики. Претседателството наведува дека македонската страна претходно била официјално известена за патувањето на претседателката согласно дипломатските практики.

-Не е точно дека претседателката одбила да ѝ се скенира чантата. Прво, претседателката немаше багаж како што се пропагира во бројните реакции во медиумите во Северна Македонија. Значи, лага е дека одбила да ѝ го проверат багажот. Имаше лична рачна чанта која веднаш ја стави во скенерот, иако обезбедувањето, според практиката на меѓународната конвенција, немало право да бара такво нешто. Единственото нешто што претседателката одби да го предаде е нејзиниот телефон, се вели во соопштението на косовското Претседателство.

Во него се демантираат тврдењата дека претседателката имала „нешто сомнително во нејзината чанта“.

-Не само што е голема невистина, туку истовремено е и најсериозното обвинување и најсериозната пропаганда што досега медиумите во Северна Македонија ги упатиле кон Република Косово. Уште поскандалозно е денешното соопштение на МВР дека министерот за внатрешни работи на Северна Македонија имал некакви сознанија кои довеле до барањето да се провери личната чанта и телефонот на претседателката. Ова е невидена тенденција за оцрнување не само на претседателката, туку и на државата Косово. Северна Македонија треба да има предвид дека ваквата пропаганда се прави против една претседателка, која во текот на целиот свој мандат придонесе единствено за продлабочување на позитивните односи меѓу Косово и Северна Македонија.

Претседателството на Косово барањето за одземање на телефонот и негово ставање во скенерите го смета за однесување надвор од секаква пракса и протокол.

-Вчерашната ситуација на скопскиот аеродром не може поинаку да се објасни ниту да се оцени освен како чиста провокација и намера за предизвикување инцидент. Наместо изговори и дозволување пропаганда против Република Косово, бараме од официјалните власти во Скопје итно да го третираат случајот со висока сериозност и да преземат соодветни мерки против службените лица кои го извршија овој напад на Република Косово, порача косовското Претседателство. иа/вј/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан