• среда, 25 декември 2024

Косовско МНР: Пред да побегне, на Рамадани во Скопје му беше сменета мерката „домашен притвор“ со „притвор“

Косовско МНР: Пред да побегне, на Рамадани во Скопје му беше сменета мерката „домашен притвор“ со „притвор“

Приштина, 15 август 2024 (МИА) – Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека од косовската амбасадата во Северна Македонија е информирана оти македонските власти ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани од „куќен притвор“ во „притвор“ пред тој да избега од домашниот притвор кој го издржувал во куќата на негови роднини во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од косовското МНР за порталот „Газета експрес“ изјавија дека информацијата за промената на безбедносната мерка за Рамадани, кој беше уапсен врз основа на меѓународна потерница, ја дал неговиот адвокат.

-Во врска со вашите прашања, ве известуваме дека Амбасадата на Република Косово во Северна Македонија е известена од адвокатот на г. Рамадани дека безбедносната мерка му била преиначена од куќен притвор во притвор, во времето кога ја чекаше одлуката на Врховниот суд, се вели во одговорот на косовското МНР.

Од Министерството велат дека немаат други официјални информации од властите во Северна Македонија.

-Потсетуваме дека, според нашите претходни информации, Основниот кривичен суд Скопје на 08.08.2024 година одлучи да не го екстрадира г. Блерим Рамадани во Србија. Тој во наредните денови ја чекаше конечната пресуда на Врховниот суд, се вели во информацијата од косовското МНР.

Порано во текот на денешниот ден, вршителот на должноста претседател на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Фатон Клинаку изјави дека поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамдани избегал од домашен притвор во Северна Македонија, откако, според него, македонските правосудни органи одлучиле да го вратат во притвор со цел да го екстрадираат во Србија.

Рамадани беше уапсен на 17 јули на граничниот премин Јажинце, на влезот од Косово во Северна Македонија, врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија. Потерницата беше распишана со тврдења дека тој, како припадник на ОВК, извршил „воени злосторства против српското население“ во регионот на Урошевац во летото 1999 година. иа/ев/

ФОТО:

Остани поврзан