• вторник, 24 декември 2024

Косовската влада ја укина таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина

Косовската влада ја укина таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина

Приштина, 31 март 2020 (МИА) – Косовскиот премиер во оставка Албин Курти објави дека од ноќеска на полноќ стапува во сила одлуката на Владата за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите на пауза од вечерашната седница на неговиот кабинет, Курти нагласи дека во исто време е одлучено да започне спроведувањето мерки на реципроцитет кон Србија, а кои нема да се однесуваат на БиХ.

- Ова е мерка за спроведување постепен реципроцитет како принцип во односите со Србија. Во трговските односи називите кои се користат во документите треба да бидат во согласност со Уставот на Република Косово и законите кои се во сила (...) За одлуката која ја носиме вечерва се задолжуваат да ја спроведуваат граничната полиција, царините, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за медидицински производи и опрема, како и другите надлежни институции, изјави Курти.

Тој нагласи дека одлуката, која стапува во сила ноќеска на полноќ, е со важност до 15 јуни, кога ќе се согледаат ефектите на нејзината примена.

- Мерките на реципроцитет, односно на меѓусебни односи, се институт на односи меѓу суверени држави, кој е признаен според основните принципи на меѓународното право, изјави Курти, спомнувајќи конретни меѓународни документи и принципи кои тоа го регулираат. иа/

Остани поврзан