• среда, 25 декември 2024

Косово повлекува дипломатски претставници, меѓу кои и амбасадорката во САД Читаку

Косово повлекува дипломатски претставници, меѓу кои и амбасадорката во САД Читаку
Приштина, 3 март 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Косово Глаук Коњуфца објави дека, согласно неговите уставни и законски надлежности, побарал повлекување на петмина амбасадори и двајца генерални конзули на Косово, меѓу кои и амбасадорката во Вашингтон Вљора Читaку, јави дописникот на МИА од Приштина. Во објава на својата страница на Фејсбук Коњуфца, кој стапи на должност со изборот на новата косовска Влада, на 3 февруари годинава, вели дека се работи за „политички амбасадори“, на кои им е истечен мандатот. - Од почетокот на мојот мандат се обврзав дека ќе воспоставам ред и закон во Министерството за надворешни работи и дијаспора. Еден од чекорите е барањето за враќање на политичките амбасадори кои го завршија чеитиригодишниот мандат предвиден со законите кои се во сила во Република Косово, напиша Коњуфца. Тој информира дека, покрај Читаку, побарал повлекување и на амбасадорите Едон Цана (од Бугарија), Лирим Греичевци (Велика Британија), Шпенд Калаба (Унгарија) и Илбер Хисај (Црна Гора), како и на генералните конзули Мимоза Ахметај (Стразбур) и Рамадан Авдиу (Женева). Медиумите известуваат дека сите разрешени дипломатски претставници се кадри на партиите од претходната владејачка коалиција. Шестмина од нив доаѓаат од Демократската партија на Косово (ПДК), партија која актуелно ја води досегашниот парламентарен спикер Кадри Весели, а која ја основа и до изборот за претседател на државата, пред четири години, ја водеше Хашим Тачи, а еден од Алијансата за иднината на Косово (ААК) на претходниот косовски премиер Рамуш Харадинај. иа/ссм/

Остани поврзан