• четврток, 26 декември 2024

„Корона-забави“ во неколку атински населби и покрај карантинот и полицискиот час

„Корона-забави“ во неколку атински населби и покрај карантинот и полицискиот час
Атина, 18 април 2021 (МИА) – Плоштадите и парковите во неколку атински населби синоќа беа полни со друштва млади лица, кои неорганизирано и спонтано се собраа и покрај карантинот, рестрикциите и полицискиот час, а мнозинството беа без маски и не одржуваа дистанца, јави дописничката на МИА од Атина. Со „take away“ пијалоци од кафулињата уште во попладневните часови, младите излегоа како во центарот на Атина, така и во други населби, а за многумина „корона-забавата“ продолжи и по 21 часот, односно по почетокот на полицискиот час. Сликата во конкретните населби воопшто не потсетуваше дека земјата е во карантин и наликуваше на онаа пред пандемијата, без да се почитуваат основните мерки, како што се маска и дистанца. Во поголемиот број од случаите, не станува збор за претходно најавени и организирани забави. Единствено во населбата Кипсели, на централниот плоштад, во петокот имаше организирана забава со музика и диџеј, а сликата не беше поразлична и вчера. „Корона-забави“ имаше и изминатите викенди, но се чини дека како што се затоплува времето, така и овие неформални забави на отворено се зголемуваат. Кафулињата во Грција се затворени веќе пет и пол месеци, а земјата е во карантин од 7 ноември 2020 година со воведен полициски час од 21 часот. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 313.444 случаи на Ковид-19, а починаа 9.397 лица. Само во изминатата седмица, од понеделникот до вчера беа потврдени 18.039 заразени и 512 смртни случаи. ср/

Остани поврзан