• петок, 08 ноември 2024

Коронавирусот ги затвори границите во Европа

Коронавирусот ги затвори границите во Европа
Скопје, 13 март 2020 (МИА) - Се повеќе европски земји поради ширењето на коронавирусот ги затвораат своите граници и најавуваат нови рестриктивни мерки во следните денови. Владата на Република Северна Македонија денеска донесе одлука да се затворат граничните премини Џепиште - Требиште и Блато кон Албанија. На официјалната веб-страница на Општина Крива Паланка стои соопштение во кое се информираат граѓаните дека Република Србија ги затвори граничните премини Прохор Пчињски и преминот кој припаѓа на територија на општина Крива Паланка, Голеш- Голема Црцорија. Данска, Полска и Чешка го забранија влезот на своја територи за сите странци, а Прага им воведе забрана на своите државјани за излез од земјата. Словачка ги затвори границите за сите странци, освен за Полска. Австрија затвори три гранични премини со Италија за сите странски државјани, освен оние кои имаат лекарски наоди не постари од четири дена. Украина ги затвори граничните премини за странци на две недели, а Унгарија границите со Австрија и Словенија. Словенија затвори шест гранични премини со Италија. Суспендиран е и сообраќајот со автобуси и возови. Романија ги затвори границите со Унгарија, Украина, Бугарија и Молдавија, а Албанија со Црна Гора и Северна Македонија, а од утре и со Грција. Кипар, исто така, ги затвори границите, а влез во земјата во следните 15 дена ќе имаат само неговите државјани. Србија затвори 44 помали гранични премини, забранет е влез за странски државјани кои доаѓаат од жариштата на коронавирусот. Исто така, забранет е влезот и за странски државјани кои преку Романија влегуваат во Србија. Косовскиот Национален центар за менаџирање на границата (ЌКМК) објави дека од утрово во шест часот е забранет влезот на граѓани и возила од Косово во Република Албанија, како дел од мерките за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19. гт/

Остани поврзан