• среда, 25 декември 2024

Корисници на услуги од Скопје на здружението „Порака - Неготино“ во посета на Бигорски манастир

Корисници на услуги од Скопје на здружението „Порака - Неготино“ во посета на Бигорски манастир
Дебар, 4 септември 2022 (МИА) - Во посета на Бигорскиот манастир престојуваа корисници на услуги на здружението „Порака - Неготино“ огранок Скопје. -На наша голема радост, а по благослов и покана на нашиот старец, епископот Партениј, бевме удостоени да бидеме во еднодневна дружба со корисниците на услуги од градот Скопје на здружението „Порака - Неготино“. Желбата на овие чисти души беше поттикната од нивната меѓусебна дружба да поминат еден ден во нашето духовно светилиште за духовно да се запознаат со позначајните работи на нашата вера и духовно да се помолат со нивните топли души, велат од Бигрскиот манастир. Додаваат дека уште при нивното пристигнување биле пречекани од љубовта и прегратките на владиката Партениј кој ги благословил и им посакал убави мигови за време на престојот во манастирот. -Љубовта од нивните топли срца и онаа на нашиот Старец, како мостови на љубовта се градеше помеѓу таа благословена средба. Со блага насмевка на лицата, му се заблагодарија за благословот и за гостопримството. По оваа радосна средба која го облагороди и развесели манастирскиот двор, овие мили души се упатија во храмот на Претечата Господов, каде од страна на нашиот собрат, јеромонах Ефросиниј беа запознаени со основите на нашата вера. Во тие моменти, чиниш, во било кого да погледнеш од нив, потонуваш во љубовта во неговите очи, нагласуваат од манастирот. На крајот од посетата, била исполнета и нивната желба да се фотографираат со старецот и игумен на манастирот епископот Партениј, како спомен за еден убав настан кој нема да го заборават. -Ова е нивна втора посета во нашето духовно светилиште, предводена од директорката на здружението „Порака – Неготино“ од Неготино, Гордана Трајковска и социјалниот работник Андон Димовски овозможена и потпомогната од страна на град Скопје и ЈСП. Нека нашиот и семилостивиот Христос Бог продолжи и понатаму да пребива во нивните топли срца, порачаа од Бигроски манастир. вт/лв/

Остани поврзан