• среда, 25 декември 2024

Корепер ја одобри одуката на ЕК за воведување дополнителни давачки за увоз на електромобили од Кина 

Корепер ја одобри одуката на ЕК за воведување дополнителни давачки за увоз на електромобили од Кина 

Брисел, 4 октомври 2024 (МИА) – Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска ја одобри одлуката на Европската комисија за воведување компензациски давачки за увоз на електрични возила од Кина во Унијата. 

Како што соопшти Европската комисија, ваквата одлука претставува уште еден чекор напред кон имплементација на заклучокот од нејзината истрага за кинеското државно субвенционирање на производителите на електрични возила, со кое се нарушуваат принципите на конкурентност и се овозможува нелојална конкуренција на пазарот. 

За да стапи во сила, одлуката на Корепер треба да биде објавена во Службениот весник на ЕУ, за што краен рок е 30 октомври. 

Во соопштението се додава дека и покрај ваквата одлука, ЕУ продолжува „да работи напорно“ со Кина за да се изнајде алтернативно решение кое би било целосно компатибилно со принципите на Светската трговска организација (СТО) и кое би овозможило адекватно справување со штетното субвенционирање на кинеските електромобили, што Комисијата го утврди со својата истрага. 

Европската комисија на почетокот на јули годинава по деветмесечна истрага по службена должност за субвенционирањето на производството на електрични возила во Кина, донесе одлука за воведување „привремени компензациски царини“ за увоз на кинески електромобили.   

Ваквата одлука беше донесена врз основа на заклучокот од истрагата дека „производството на електрични возила во Кина е поддржано од нефер субвенционирање, што претставува закана за нанесување економски штети на производителите на електромобили во ЕУ“.   

Согласно оваа одлука, за возилата на компанијата Би-Вај-Ди (BYD) беше воведена компензациска царина од 17,4 отсто, за оние на „Џили“ („Geely“) од 19,9, а за електромобилите на САИЦ од 37,6 проценти. За останатите кинески производители на електрични возила што соработувале во истрагата беше воведена царина од 20,8 отсто, а за оние кои не соработувале со истражителите на ЕУ – од 37,6 проценти.   

Примената на оваа привремена одлука започна следниот ден по нејзиното усвојување, со важност од четири месеци, во кој период требаше да се донесе конечна одлука од страна на земјите членки на ЕУ. 

Комисијата официјално ја започна истрага за субвенционирање на производството на електрични возила во Кина на 4 октомври 2023 година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан