• четврток, 26 декември 2024

Кордалов за МИА: Колку повеќе го прилагодиме дигитално општеството, толку полесно ќе ги задржиме младите во Македонија

Кордалов за МИА: Колку повеќе го прилагодиме дигитално општеството, толку полесно ќе ги задржиме младите во Македонија

Скопје, 23 декември 2023 (МИА) – Социјалните медиуми повеќе од 15 години се дел од секојдневното функционирање и милје. Меѓутоа, за жал, степенот на дигитална писменост и на користење на сите алатки во насока на тоа да добиеме повеќе за себе ни недостасува, вели во интервју за МИА комуникологот Бојан Кордалов. Да бидеме реални, додава тој, кај нас не се ни нудат многу можности за правилно користење на интернет технологиите затоа што институции не го диктираат темпото на добри јавни услуги по дигитален пат. Колку повеќе го прилагодиме општеството дигитално, толку полесно ќе ги задржиме младите во Македонија.

- Ние сме многу активни кога треба да правиме, тоа го кажува исто статистиката, видеоповици, некаква комуникација со странство итн., меѓутоа кога треба да правиме т.н. корисни работи во работа, во учење едноставно тоа ни недостасува. Тоа е едниот проблем. Меѓутоа, да бидеме реални не се ни нудат многу можности во Македонија за правилно користење на интернет технологиите заради тоа што јавните институции не го диктираат темпото на добри јавни услуги по дигитален пат, а камо ли денеска она што зборуваме вештачката интелигенција во корист на луѓето, истакнува Кордалов.

Според него, кога ќе почнеме да зборуваме како ги користиме современите алатки и дигиталните платформите тогаш ќе ја постигнеме целта.

Комуникологот посочува дека многу повеќе младите генерации ги користат корисно социјалните медиуми и дигиталните платформи споредено со повозрасните генерации, но потенцира дека она што е потребно да се направи е да се даде поддршка во овој процес и да се даде шанса на младите генерации многу побрзо да го развиваат ова.

-Од две причини. Првата, затоа што самите рековте се интернет генерации и многу подобро го знаат ова, а втората шанса заради тоа што колку повеќе го прилагодиме општеството дигитално тоа е општество на младите, тоа значи дека полесно ќе ги задржиме младите во Македонија, рече Кордалов. Една од причините поради која што се заминува од овде, освен платата и квалитетот на живот, е тоа што многу работи се бирократизирани и многу работи тешко се остваруваат.

Кордалов позитивно го оценува носењето на новите закони за дитализација и сајбер безбедност, но вели, она што во Македонија генерално фали, е брзата имплементација на новите текови и трендови.

-Најпластично, ние се уште зборуваме за дигитализација на јавни услуги коишто не можеме да ги воведеме во институциите, а светот веќе регулира вештачка интелигенција, вели во интервјуто Кордалов. 

Неговата порака е дека сите треба да се фокусираме кон оваа работа. -Потребна е поддршка нешто кое што институциите го прават, но е потребно да ги вклучат сите општествени и политички чинители и пред се ИТ-секторот којшто во таа смисла мора да биде заедно со чинителите во власта, на локално и централно ниво, бидејќи видовте што се случи само пред шест месеци – хакерски напади, недостиг од сајбер безбедност, вели Кордалов.

Во интервјуто тој зборува и за користењето на социјалните медиуми од политичарите во пресрет на изборите следната година.

Вие сте комуниколог, кој повеќе години се занимава со новите медиуми и сите комуникациски трендови. Првото прашање би се однесувало на тоа колку луѓето кај нас користат социјални медиуми, дали се следат последните трендови и дали сметате дека тоа може да придонесе во позитивна смисла за нас како општество? 

Благодарам за можноста. На почетокот, статистиката е јасна и немилосрдна. 88 проценти од граѓаните користиме интернет секој ден, тоа е Државен завод за статистика и според социјалните медиуми гледаме дека над 80 проценти користиме социјални медиуми, еден или повеќе. Таа е реалноста повеќе години. Да, социјалните медиуми веќе повеќе од 15 години се дел од секојдневното функционирање и милје. Меѓутоа, за жал, степенот на дигитална писменост и на користење на сите алатки во насока на тоа да добиеме повеќе за себе ни недостасува. Ние сме многу активни кога треба да правиме, тоа го кажува исто статистиката, видеоповици, некаква комуникација со странство итн., меѓутоа кога треба да правиме т.н. корисни работи во работа, во учење едноставно тоа ни недостасува. Тоа е едниот проблем. Меѓутоа, да бидеме реални не се ни нудат многу можности во Македонија за правилно користење на интернет технологиите заради тоа што јавните институции не го диктираат темпото на добри јавни услуги по дигитален пат, а камо ли денеска она што зборуваме вештачката интелигенција во корист на луѓето. Така што, секако дека ќе имаат свои позитивни страни како социјални медиуми – или ќе ги користиме ние во наша полза или ќе бидеме зависни од нив. Таа е суштината. И се уште, за жал, сме заглавени во темата колку треба време да ги користиме, не како. Кога ќе почнуваме да зборуваме како ги користиме современите алатки и дигиталните платформите тогаш ќе ја постигнеме целта. Бидејќи фактите се јасни, ако пред 15 години зборувавме за час до два можеби на интернет или еден час на социјални медиуми, денеска гледаме дека буквално од будењето до легнување ние сме некако вмрежани на интернет. Едноставно интернетот ни е дел од секојдневието за се’. Така што, ајде да пробаме да биде тоа корисно, меѓутоа, пред се, да ги натераме институциите многу повеќе да вложат во добра дигитализација и правилно фокусирање кон социјалните медиуми.  

Што е со помладата популација? За нив се вели дека тие се интернет генерација, генерација која што повеќе од времето го поминува на мобилен телефон не зборувајќи постојано, туку користејќи го мобилниот телефон како начин за информирање, за комуникација со другарите, со останатиот свет. Дали тие исто така, според генералниот ваш заклучок, ги користат социјалните медиуми само како што рековте видеоповици и комуникација на социјалните медиуми или за некои корисни работи?  

Многу повеќе младите генерации ги користат корисно социјалните медиуми и дигиталните платформи споредено со повозрасните генерации токму од оние причини коишто ги споменавте. Меѓутоа, ќе ви дадам само еден пример. Вие може да најдете илјадници луѓе коишто работат на дигитални платформи легално, платформи коишто нудат работа од дома и работа со компании од Австралија, од САД, од Европската унија итн., и буквално заработуваат. И тоа е главната причина поради која што тие решаваат да останат тука, во Македонија. Втората работа, имате десетици и десетици компании коишто инвестираат во земјава и коишто вработуваат млади кадри коишто се базираат на ИТ-технологија. И повторно статистиката е немилосрдна. До 93 или 95 илјади денари е стигната просечната плата во ИТ-индустријата и сродните дејности. Значи, тоа е 1.500 евра. Таква плата да бидам пластичен имаат функционерите, па потоа има ИТ-секторот. Значи, едноставно тоа е голема придобивка за младите и бројките од луѓето што се запишуваат, младите луѓе што се запишуваат на факултет дали на ФИНКИ во Скопје, дали во другите ИТ-факултети во земјата надминува огромни бројки и веќе станува сериозен тренд. Така што, и тоа како и социјалните медиуми и дигиталните алатки играат позитивна улога кај младите генерации и тоа како знаат да ги користат за себе. Да не навлегуваме во тоа дека тие многу вложуваат во тоа како во наставата за време на учењето можат да ги користат и како може да ползуваат од нив. Она што е потребно да се направи е да се даде поддршка во овој процес и да се даде шанса на младите генерации многу побрзо да го развиваат ова. Од две причини. Првата, затоа што самите рековте се интернет генерации и многу подобро го знаат ова, а втората шанса заради тоа што колку повеќе го прилагодиме општеството дигитално тоа е општество на младите, тоа значи дека полесно ќе ги задржиме младите во Македонија.  Една од причините поради која што се бега од тука, освен платата и квалитетот на живот, е тоа што многу работи се бирократизирани и многу работи тешко се остваруваат. Наједноставно имате студенти и студентки коишто мора да доаѓаат од Охрид, од Струмица, од Тетово, Штип да не ги редам за оценка по два-три пати или за упис на семестар по два-три пати на факултет. Знаете, 21 век е и тие навики, можности на млади луѓе ова е речиси непроодливо. Да, точно така, убаво го завршивте прашањето.

Како ги оценувате последните чекори што се направени од страна на властите со измена и со нови закони во однос на дигитализацијата? Закон за дигитализација, измените на Законот за архивско работење и новиот закон за сајбер безбедност со којшто се предвидува формирање на агенција? Како ги оценувате овие последни чекори, колку тие може да придонесат на побрз рок условно кажано да се променат одредени работи?  

Неспорно е дека овие промени, овие чекори се добри заради тоа што ја препознаваат реалноста во која што живееме и се за поздравување. Меѓутоа, она што во Македонија генерално фали тоа е брзата имплементација на новите текови, новите трендови. Најпластично, ние се уште зборуваме за дигитализација на јавни услуги коишто не можеме да ги воведеме во институциите, а светот веќе регулира вештачка интелигенција. Вие имате прв акт на Европската унија за оваа регулација, имате неколку одлуки и акти на претседателот на САД Бајден на оваа тема. Ние се уште се бориме со дигитализација. Ние се уште се докажуваме дали е тоа добро или лошо. Дали беше подобро пред 25 години или е подобро сега. Знаете, тоа е легитимна тема. Не сакам да кажам дека е лоша, меѓутоа не ја одразува реалноста. Две причини се многу важни. Првата е ние мора да ја прифатиме како општество дигитализацијата, а тоа треба да го прават институциите и втората работа, со тоа ќе дојдете да го адресираме стравот. Бидејќи стравот дека дигитализацијата ќе земе работни места, ќе не остави без работа, дека ќе направи да не бидеме толку важни порано е навистина голем и не’ кочи повеќе од 10 години да се менуваме. Ако ние гледаме статистика дека денеска младите луѓе и повозрасни секако, меѓутоа младите луѓе заработуваат во просек 1.500 плата значи платена преку системот на УЈП како плата не мислам дека ние треба да стравуваме. Напротив, треба да си кажеме што правиме за нашите деца, што правиме за нашите млади. Ако ние го спречуваме процесот на дигитализација како досега само ги обесхрабруваме да останат тука. И потоа велиме каде се младите. Па таму каде што има едноставни услови, таму каде што можат лесно да дојдат до системот и каде што не требаат да чекаат, да се бирократизираат итн. Така што, за поздравување е се’, меѓутоа многу е битно сите заедно обединети да се работи на оваа тема. Јас би сакал да ве потсетам дека пред само две години, па и година и пол, темата дигитализација ги подели политичките партии – власта и опозицијата. Во едниот случај дали треба да се работи дигитално во институциите особено во Собранието, во вториот случај за учебниците. Значи, едноставно не се собраа сили прво да се разбере дека не треба ништо на сила да се прави, туку дека треба се да се оди по природен пат и по пат на избор – секој да може да избере, пример, дали сака да користи ваков или таков тип на наставни помагала електронски или физички. И втората работа, не се разбраа дека времето бара да не се политизира темата со дигитализацијата. Дали ние денеска ќе одиме два саати по шалтери е наш проблем, не е проблем на некој друг, проблем е на државата. Бидејќи ако два часа одиме на шалтери денеска наместо со обичен мобилен телефон да ја завршиме работата, ние ќе бидеме понервозни, ќе изгубиме два часа коишто можеме да ги поминеме со себе, со нашите деца, блиски... На крајот на краиштата да сработиме и смислиме нешто друго. Така што, мислам дека мора да се фокусираме во оваа работа и потребна е поддршка нешто кое што институциите го прават, но е потребно да ги вклучат сите општествени и политички чинители и пред се ИТ-секторот којшто во таа смисла мора да биде заедно со чинителите во власта, на локално и централно ниво, бидејќи видовте што се случи само пред шест месеци – хакерски напади, недостиг од сајбер безбедност. Тоа е тоа. Се селиме од офлајн во онлајн просторот, но во исто време мора да имаме многу кадри, многу капацитети и многу компании што ќе работат на сајбер безбедноста и на заштитата на податоците на секој од нас.  

Неколку пати ја спомнавме вештачката интелигенција. Се чини дека многу срамежливо вештачката интелигенција влегува или полека за користење кај нас во нашето опкружување. Сметате ли дека освен ова што го споменавте, актите за регулација коишто треба овој пат многу побргу како систем да ги наметнеме или да побараме да се наметнат, треба да се работи на запознавање на граѓанството, дали на неформален или формалните институции за работа со вештачка интелигенција?  

Мислам дека потребно е брзо и тука да се менуваме. Зошто? Заради тоа што додека ние правиме се уште основни обуки за како да напишеш CV или како да користиш e-mail во исто време треба државата или Агенцијата за вработување веќе да има цели корикулуми, цели наставни планови за сите заинтересирани за преквалификации, доквалификации во делот на вештачката интелигенција. Не може ние да ги признаваме новитетите во светот, новитетите што носат повеќе пари, подобро платени работни места, повеќе перспектива после две, три, пет години. Затоа каскаме. Затоа бројките кога мериме дигитална писменост се за една третина полоши кај нашите млади отколку младите во регионот, да речеме Хрватска. Или, кога мериме каде сме на нивото на отпорност од лажни вести и медиумска писменост сме на дното. Само на корупција сме на врвот и на други работи коишто се негативни. И потоа се чудиме зошто? Еве зошто. Причината е поради тоа што чекаме во светот нешто да стане секојдневие за ние да го воведеме како новина. Јас не се залагам никогаш дека нешто што досега функционира треба да се избрише. Како човек не функционирам на тој начин. Но, сметам дека постојано треба да се надополнува палетата на услуги и можности. Значи, веќе се касни да се даде цел курикулум за вештачка интелигенција, да се даде импулс кон луѓето, кон секој од нас дека всушност тоа е нешто што доаѓа и еве како да го научиме за да не се плашиме. Додека ние велиме ќути, трај, седи, можеби ќе те одмине ако не го признаеш или ако ти го нудат да го воведеш отфрли го и нема да бидеш засегнат, ќе се случува ова што ни се случува. Се будиме секој ден и велиме зошто има толку проблеми во сообраќајот, зошто е нерегулиран паркингот, зошто квалитетот на живот е низок, зошто се чекаат редици? Заради тоа што ние одбиваме веќе децении да се роботизираме во смисла на процеси, не во смисла на луѓе. Да се дигитализираме автоматизирано во наједноставни работи - поставување камери што ќе регулираат нешто наједноставно што не ја загрозува приватноста. Ние бегајќи од тоа правиме општество кое што навистина не оди напред. Не оди напред за секој човек. И мислејќи дека ако ја спречуваме дигитализацијата и направиме нешто подобро само грешиме. Од друга страна, факт е дека многу малку знаеме, многу малку луѓе за вештачката интелигенција, тоа е нешто ново. Меѓутоа, нешто кое што навлегува во нашите животи и нема полошо од тоа вие да почнете да користите нешто ново, а да не знаете како е базирано и кои се добрите и лошите страни. Значи, ние сме повторно во ситуација како во социјалните медиуми – почнуваме да го користиме, а не сме свесни дека се базираме во вештачка интелигенција, а во исто време ја мразиме и сметаме дека е страшна. Ете, таа е таа спрега меѓу институциите, граѓаните, бизнис секторот, академијата која што мора да постои на оваа тема заради тоа што сите сме во процесот. Не можеме да избегаме од дигиталните алатки бидејќи не е само да се радуваме на мобилен телефон којшто ни дава да се слушаме со нашите блиски во Австралија, Америка итн,. во Европа, а кога треба да користиме за нешто што ќе ни донесе напредок и развој да велиме не сакам за тоа, тоа ќе ме закочи во развојот или ќе ме оневозможи да ги имам привилегиите што ги имам. Значи, едноставно колку повеќе даваме можности, колку повеќе се прилагодуваме и веруваме во новите трендови користејќи ги во своја полза толку помалку ќе бидеме робови на технологијата.

Следната година ни е изборна година. Ќе имаме избори за претседател и парламентарни избори.  Но, на социјалните медиуми кампањите се веќе одамна почнати. Политичарите ги користат речиси сите социјални медиуми Фејсбук, Инстаграм, X, ТикТок...ТикТок последен влегува тука, но очигледно дека ТикТокот се користи за привлекување на се помлади и помлади приврзаници. Какви се трендовите во тој дел? Какви се трендовите? Дали барем тука сме во тренд со светските новини?

Има две во наводници лоши вести за политичарите во делот на социјалните медиуми. Првата е, ја завршуваме редовната годишна анализа која што ја прави ИДУЕП (Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи) за тоа како политичарите на функции или јавните функционери ги користат социјалните медиуми и досега резултатот е дека нема никаква промена. Знаете, кога немате подобрување автоматски значи дека назадувате во присуството и уште повеќе дека квалитетот опаѓа. Тоа не носи до втората лоша вест за политичарите дека тие ако мислат дека само ќе окупираат уште еден простор на кој што ќе се обидат да се наметнат, резултатот ќе го нема. Залудно сте вие на ТикТок, Фејсбук, Инстаграм, Твитер...каде сакате, ако вие не ги следите правилата на игра што заедницата таму ги има. Ако вие мислите дека како политичари ќе влезете таму и ќе кажете овде јас сум главен и ќе си ги поставам моите правила и ќе спамирам со тоа што направив денеска, со кого се сретнав, гласајте за мене и така натаму, едноставно луѓето не ве следат. Така што политичарите паѓаат во овие замки. Тие се присутни таму, но ги следат само нивните поддржувачи и се обраќаат само на својата партиска база. И втората работа, стануваат дел од синџирот на лоши коментари, говор на омраза и буквално оној вординг што политичките партии меѓу себе го имаат.  За жал, исто како и во секојдневната кампања, нивната кампања која што е на социјалните медиуми која што е постојана не носи новитети, не носи ништо ново, нешто интересно, и најлошо од се не ги вклучува граѓаните. Кај нас се уште се смета дека кампањата се води за вие да се пресметате со политичките противници, а не зада  разговарате со граѓаните. Две специфики се повторно важни за социјалните медиуми. Тоа е комуникација во реално време и можност да добиете повратен одговор.    

Кај нив ја нема интеракцијата сакате да кажете? 

Тие ја промашуваат целта на постоењето и присуството на социјалните медиуми. Тие сметаат дека тоа уште еден канал на којшто треба да бидат и да покажат што сработеле односно да покажат што ќе сработат ако дојдат на власт. 

Кога споменавте промена во првиот дел од одговорот, дали мислевте на бројот на следбеници кои ги следат? 

Присуство. Бројност и присуство на социјалните медиуми. Значи колку од министрите, колку од пратениците, колку од градоначалниците...користат активно социјални медиуми, тоа е првата работа, и втората работа колку институциите имаат веб - страници и колку се посветени на услуги за граѓаните, а не за себепромоција односно промоција на политичарите. Како буквално таа интересна играчка што си ја нашле пред четири-пет или седум години, а денеска веќе не ми е интересна, и не ја користат повеќе од она стандардно споделување. 

Сметате ли дека треба да има некаква регулација во делот на Интернет во делот на кампањите? Сведоци сме дека веќе предвреме се почнуваат овие кампањи. 

Јас сум поборник на следниве работи, регулација во Македонија има за сите теми, вклучително и за ова, освен за најновите трендови. И дефинитивно само ако почнеме да ги почитуваме законите, и ако во случајов политичарите не ги прекршуваат правилата што постојат ќе имаме навистина многу поубав простор и виртуелно и во секојдневието во медиумите на комуникација и размена на идеи. Втората работа која што исто така е многу важна е дека потребно е прилагодување на трендовите што се случуваат, меѓутоа трендовите ги диктираат луѓето. Не ги диктира политичкиот  противник, не ги дитира социјалниот медиум, туку ако вие се обраќате и праќате порака како политичари до одредена целна група видете каде ќе ја најдете, на кој медиуми, можеби е тоа традиционален, можеби е дел од социјалните медиуми, можеби е на некоја друга дигитална платформа. Прашајте ги на кој начин сакаат и дали сакаат да добиваат ваши информации и потоа поврзете се, заради тоа што трчајќи по масовност, по илјадници и десетици илјади луѓе на митинзите, политичките партии го изгубија чекорот со времето, всушност ова време не е 1991 година кога вие ќе донесете 70 000 луѓе на плоштад. Нема. Нема интерес. Нема активитет. И тоа не е за носталгија. И тоа е нешто што треба да ги опамети и треба да разберат дека медиумите, и традиционалните медиуми и социјалните медиуми се партнерите во кампањата, ама не да се канал коишто тие го запоседнуваат и контролираат како што сакаат како политичари, туку дека прво дека традиционалните медиуми и новинарите се партнери во кампањата затоа што од нив зависи дали пораката ќе дојде и до неопределените. И втората работа е дека социјалните медиуми се канал каде што луѓето сакаат да ви пишат, да ве прашаат и/или да ве искритикуваат и да ви дадат предлог. Кај нас ниту во делот на традиционалните медиуми, ниту во делот на социјалните медиуми не се користат правилно. 

Елизабета Велјановска Најдеска

Снимател Аслан Вишко 

Фотограф Дарко Попов  

 

Остани поврзан