• среда, 25 декември 2024

Копнежот по родното место, се уште ги „влече" Турците од Измир кон „корените“ во Пијанец

Копнежот по родното место, се уште ги „влече
Делчево, 23 октомври 2021 (МИА) - Наим Акѓонул е само еден од многумината турски државјани чии родители пред повеќе од 60 години заминува за Измир, Турција каде се сконцентрирани најголем дел од иселениците од турска националност кои потекнуваат од овој крај. Иако бил само една година, неговите се погрижиле да го научи македонскиот јазик и да му ја всадат љубовта кон земјата каде тие биле родени. Акѓонул е чест гостин во Делчево каде, како што вели, доаѓа три до четири пати во годината, бидејки како што рече нешто го „влече“ кон родното место на неговите родители.
- Македонија и Делчево се многу убави. Многу пати доаѓам овде, бидејки нешто ме „влече“ овде и сакам овде да живеам. Ние 1958 година сме заминати во Турција, тогаш сум бил 1 година. Секоја година по три до четири месеци сум овде, бидејки како што кажав нешто ме „тера“ да бидам тука, рече Акѓонул.
Иако вели дека Делчево многу му се допаѓа, она за што најмногу му е жал што постојат многу малку културно-историски споменици кои сведочат за периодот кога Турците во овој крај биле меѓу побројното население.
- Кога доаќаат овде луѓе како мене, нема многу што да видат од Османлискиот период, бидејки ретко нешто е зачувано или пак реновирано. Луѓето кои потекнуваме од тука, а живееме во Измир сакаме да се направи нешто во тој поглед, за што се разбира, ќе помогнеме, Џамиите конкретно се кутнати и за жал нема кој да се заинтересира за сето тоа поради што ми е многу жал, додава Наим.
Поголемиот дел од иселниците од Пијанечкиот крај кои пред 70 тина години заминале за Турција се сконцентрирани во местото Чамдеби, Измир каде како што кажа Акѓонул постојат повеќе маала кои се нарекуваат според селата од кои потекнуваат.
- Поголем дел од старите кои меѓу првите дојдоа овде се починати, останаа оние како нас, кои од мали нозе дошле во Измир. Конкретно во Турција се смета дека од цела Македонија има околу 100 илјади народ. Таму каде што живеам јас, повеќето луѓе потекнуваат од Габрово. Има различни маала, едно маало иселеници од Ѕвегор, исто така од село Град, од Црник, сите сме на исто место, додава иселеникот од Габрово.
Она за што посебно водат грижа, како што посочи Наим, е негувањето на македонската култура и традиција, особено македонските народни песни и ора кои често се свират за време на одредени прослави.
- Знаете одвреме навреме кога има одредена веселба, свадба или слично се пеат македонски песни, зошто не сакаме да го изгубиме она „културното“. Сакаме да оставиме аманет на децата, да не се заборави. Тоа често го повторувам на пријателите во Делчево од кои поголем дел се Македонци. Имам многу пријатели тука ме почитуваат, а тие кога дојдат во Измир исто така имаат големо почитување, ече тој.
Последните години поради пандемијата и затворените граници, Акѓонул поретко доаѓал, но сега како што вели дошол да земе воздух.
- За време на пандемија поретко доаѓав бидејки не можев преку граница имаше забрани. Пандемијата секаде влијаеше, па и кај нас каде слични се мерките. Сепак ќе кажам дека секој од нас треба да ги почитува мерките не е секогаш и до Владата, треба и ние да почитуваме, додава Акѓонул.
Како пензионер, времето повеќе го користи за одмор и средба со своите пријатели во Делчево, за кое вели дека е убаво гратче, во кое според она што имал прилика да го види добро се живее. Има желба да отвори своја фирма во Делчево во делот на производство на текстил, за што се надева дека наскоро и ќе му се оствари. вс/фф/

Остани поврзан