• четврток, 26 декември 2024

„Копачка“ со грамота за најатрактивна фолклорна група на Меѓународниот фестивал ,,Шарена Стомна"

„Копачка“ со грамота за најатрактивна фолклорна група на Меѓународниот фестивал ,,Шарена Стомна

Делчево, 17 септември 2023 (МИА) - Фолклорната група „Копачка" од село Драмче, Делчево, е добитник на Грамота за најатрактивна група на Меѓународниот фолклорен фестивал „Шарена Стомна" кој шести пат се одржа во Добриниште, Бугарија. По тој повод претседателката на здружението Фолкорна група „Копачка", Перса Стојановска изрази благодарност до организаторите и директорот на фестивалот Љубомир Марјански, за доделената награда и за прекрасната организација на фестивалот.

-Нема поголемо задоволство за било кој член на нашата група, кога е во прашање добивањето на награда во туѓа држава. Настапот на фестивалот беше вистински предизвик за нас. Со задача да ја претставиме нашата држава, во најдобро можно светло, во време од 7 минути ја исполнивме нашата визија преку пијанечките бисери на ора „Ситното“ и „Копачката“, кое пак е заштитено македонско национално културно наследство со особено значење од исклучителен интерес и воедно е светско културно наследство на УНЕСКО, рече Стојановска.

На фестивалот учествуваа фолклорни друштва од Бугарија, Северна Македонија, Србија, Грција и Босна и Херцеговина, а освен Копачка од Делчево свое преставување имаше и Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев".

-И годинава со вкупно 31 учесник - во една таква конкуренција, со оваа претставување ја освоивме публиката и организаторите  и со одлука на директорот ни беше доделена наградата. Сите со радост и славење, ја дочекавме наградата. Упатувам благодарност до сите играорци кои што решија самофинансирачки  да учествуваме на фестивалот, што го дадоа својот максимум и ја кренавме публиката на нозе... и горди си заминавме со наградата и насобрани прекрасни спомени, додаде Стојановска.

Со овој настап ЗФГ ,,Копачка", с Драмче полека ги привршува настапите пред одбележувањето на годишнината од впишувањето на орото Копачка во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото на УНЕСКО. вс/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан