• четврток, 26 декември 2024

Преку координираност и едукација до зајакнување на капацитетите за одговор на хибридните закани

Преку координираност и едукација до зајакнување на капацитетите за одговор на хибридните закани

Скопје, 24 април 2023 (МИА) - Брзина, координираност, едукација и подигнување на свеста се дел од препораките за одговор на хибридните закани. Ова беа заклучоците од воведните обраќања на денешната сесија „Зајакнување на отпорноста и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани“ која се одржува во рамките на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) од Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија во организација на Европското движење.

Министерот Оливер Спасовски на денешниот настан истакна дека со сигурност може да констатира дека безбедносната состојба во државата е стабилна, меѓутоа, како што дополни, факт е дека хибридните закани и понатаму ќе бидат присутни.

- Неспорно е дека интензитетот на хибридните закани постојано се менува, како и нивниот развој и брзина. Факт е дека тие и понатаму ќе бидат присутни. Затоа, градењето на отпорност, превенцијата и подготвеноста за одговор на хибридните закани треба да е еден од врвните приоритети во државата и оттука секоја земја треба да биде способна за приспособување на непредвидливата, комплексна, и променлива безбедносна реалност, рече тој.

Според него, за да се заштитат животите и имотот на граѓаните и институциите потребен е брз, координиран и ефикасен одговор.

- Препознавајќи ја неопходноста од заштита на виталните системи согласно Европските стандарди, во Република Северна Македонија во тек е изготвување на Закон за критична инфраструктура, кој треба да ги воспостави основите на еден систем кој ќе ги вклучи сите чинители, вклучувајќи го и приватниот сектор, рече министерот.

Според заменик-министерката за здравство Маја Манолева, особено е важна едукацијата и подигнувањето на свеста кај корисниците, здравствените работници кои што работат во електронското здравство, како и граѓаните севкупно.

- Во таа цел, обука и семинари би можеле да помогнат на корисниците, да ги разберат и признаат потенцијалните опасности, и да работат на заштита на своите информации, рече таа, дополнувајќи дека исто толку важни се и техничките мерки.

Соработката и споделувањето на информациите ја истакна како клучна во борбата против хибридните закани.

Шефот на Основното Јавно обвинителство – Скопје, Гаврил Бубевски, смета дека најспецифичното за хибридните закани е нивниот потенцијал постојано и брзо да ја менуваат формата и средства за остварување со што, според него, стануваат дополнителен предизвик.

-  Досегашното искуство она што претходи како прва алатка или основа на хибридните операции се дезинформации. На тоа се надоврзуваат различни форми на кибер напади саботажи, шпионажи, па сѐ до акти кои имаат директни обележја на тероризам и терористичко загрозување на уставен поредок, вели тој. 

Бубевски дополни дека во одредени услови на хибридните закани можат да добијат форма и на економски притисоци и корупција за да се влијае врз процесите и да се предизвика дестабилизација и чувство на несигурност и страв во јавност.

Јавниот обвинител, исто така, препорача дека нашиот одговор кон ваквите закани мора да биде координиран и повеќе димензионален.

- Тој одговор мора да ги користи најдобрите практики од понапредните земји во справувањето со ваквите предизвици. Најпрвин мора да дојдеме до изворите на заканите, да ги разјасниме нивните мотиви и целите што сакаат да ги постигнат, вели тој.  

Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот е реализиран од страна на Европското движење во Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. ар/сп/

Остани поврзан