• недела, 24 ноември 2024

Координативно тело: Граѓаните ќе можат да реагираат за неетичко однесување во онлајн просторот за време на изборите

Координативно тело: Граѓаните ќе можат да реагираат за неетичко однесување во онлајн просторот за време на изборите

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Сите граѓани и правни лица во предизборниот период и за време на изборите до Координативното тело за следење на почитувањето на начелата и стандардите од  Кодексот можат да поднесат претставки кои се однесуваат на ширење дезинформации (неточни, нецелосни, лажни или злонамерни информации), говор на омраза, и дискриминација по која било основа, непочитување на правилата и стандардите за заштита на личните податоци, како и за други форми на неетичко однесување на интернет на електронската адреса koordinativnotelozaizbori@avmu.mk.

- Со распишувањето на парламентарните и претседателските избори, започна и периодот на постапување на Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми. Координативното тело ќе постапува по претставки во врска со евентуални прекршувања на Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и другите субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми, се вели во денешното соопштение од Координативното тело.

Ова тело е составено од претставници на: Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите во Македонија, Институт за комуникациски студии, Фондација „Метаморфозис“ и Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За координатор на телото е избран Саше Димовски од Здружението на новинари на Македонија, а за заменичка – координаторка Оливера Војновска од Фондацијата Метаморфозис.

Досега кон Кодексот пристапиле три политички партии (Левица, Европска демократска партија и Партија на пензионерите) и 14 медиумски организации (ТВ Коха, ТВ Тера, ТВ Дуе, ТВ Кочани ЛД, ТВ Спектра, Радио Блета, Радио Кочани, Радио Вати, Спорт1, 4Нуз, Екипа, Радовиш Њуз, Порталб и 360 Степени). Координативното тело ги повикува сите субјекти на кои се однесува Кодексот, во најскоро време да пристапат кон него и потсетува дека освен по претставки, јавно ќе реагира и за прашања од широк јавен интерес, како и за работи поврзани со медиумите и со сите учесници во онлајн-просторот за време на изборниот процес. сст/са/

фото МИА архива

 

 

 

Остани поврзан