• петок, 27 декември 2024

Координативен состанок и подготовки за Националниот совет за намалување на неформалната економија

Координативен состанок и подготовки за Националниот совет за намалување на неформалната економија

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Во Министерството за финансии денеска беше одржан подготвителен состанок меѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и директорите на Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција и на Управата за финансиско разузнавање. На состанокот се координирани подготовките за Националниот совет за формализација на неформалната економија.

- Неформалната економија е еден од најгорливите проблеми како за економијата, така и за општеството, бидејќи сивата економија значи еднократна добивка на поединец за сметка на долготрајна загуба на целото општество. Даночната евазија, работата на црно и другите форми на избегнување на системот, се на штета на целиот јавен апарат - на здравството, образованието, социјалата, развојот на инфраструктурата. Затоа, системот мора да се насочи кон искоренување на оваа аномалија, а добрата координација помеѓу институциите кои се задолжени за различните системски цели е клучна во креирањето на синергија во оваа борба, порачал министерот Бесими.

Националниот совет за формализација на неформалната економија го сочинуваат 20 членови, претставници од највисокото ниво од институциите во чија надлежност се активностите за намалување на неформалната економија.

Одлуката за формирање на Националниот совет ја донесе Владата, а неговата улога е насочување на мерките и активностите согласно Стратегијата за формализација на неформалната економија 2023-2027 и Акцискиот план, кои се резултат на меѓусекторска соработка и се базираат на сеопфатен пристап во справувањето со неформалната економија.

Таргетот на среден рок, односно до 2027 година, е неформалната економија да се намали за девет процентни поени. бак/дма/

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан