• недела, 24 ноември 2024

Кон: Српските граѓани од утре при враќање од ризичните земји во Србија ќе пополнуваат е-картон

Кон: Српските граѓани од утре при враќање од ризичните земји во Србија ќе пополнуваат е-картон
Белград, 17 септември 2020 (МИА) - Од петок во 18 часот, српските државјани кои се враќаат во Србија од земјите каде има голем број лица заразени со коронавирус, претежно од околните земји, ќе мора по електронски пат да се пријават во системот и доколку имаат симптоми, да се јават во Ковид амбулантите. Како што јави дописникот на МИА од Белград, членот на Кризниот штаб, Предраг Кон изјави дека граѓаните кои се враќаат во земјата имаат обврска по електронски пат да се пријават во здравствениот систем, бидејќи не би било добро сите веднаш да брзаат во Ковид амбулантите. Според него, повеќе од 50.000 лица се очекува да влезат во земјата на неделно ниво, така што никаква инспекција или контрола на самоизолацијата тоа не би можела да го издржи. -Пријавата е нешто што веќе постои како тест за самооценување на порталот за е-Здравство и е прилично едноставна, бидејќи се внесуваат лични податоци, објасни Кон. Самото пријавување е доволно за лицето да ја реши својата граѓанска обврска и ако добие некои симптоми, како што се треска, губење на чувството за вкус и мирис и други респираторни заболувања, тогаш тој ќе треба да се пријави во Ковид амбуланта. Кон посочи дека самоизолацијата не може да се спроведе, како што претходно беше најавувано и дека истото важи и за PCR-тестирањето, бидејќи ако дојдат 50.000 луѓе, „тогаш лабораториите ќе се загушат“. об/

Остани поврзан