• вторник, 24 декември 2024

Концерт на флејта и џез-пијано во Делчево

Концерт на флејта и џез-пијано во Делчево
Делчево, 27 октомври 2022 (МИА) - Свита за флејта и џез-пијано од Клод Болинг изведоа Билјана Петровска и Марија Јакимовска вечерва во Делчево, во организација на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“. На концертот беше промовирана темата „Носталгија“ - авторско дело на пијанистката Петровска.
- Свитава е направена со три верзии од џез, се надевам им се допаднаа на публиката. Првпат отсвиривме и едно авторско дело кое, всушност, е композиција напишана специјално за клавир и флејта. Периодов сме во подготовка на повеќе композиции на флејта, со кои ќе се претставиме и на наредниот концерт во Скопје, рече Петровска.
Директорот на Центарот за култура, Методи Толевски, додаде дека концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
- Овој тип музика не бара огромен број публика и затоа изведбата се реализираше во фоајето на Спомен-домот АСНОМ. Јас сум задоволен од концертот, имавме прекрасна изведба и се надевам дека со некое ново надополнување ќе имаме можност да слушнеме нешто слично повторно во Делчево, истакна Толевски.
Тој најави дека културните настани во Делчево продолжуваат утревечер со Меѓународниот фестивал за хумор и сатира „Пијанец 2022“. вс/хс/

Остани поврзан