• недела, 24 ноември 2024

Концерт на Филхармонија „Бетовен: Редефиниција“

Концерт на Филхармонија „Бетовен: Редефиниција“
Скопје, 25 февруари 2021 (МИА) - Оркестарот на Филхармонија денеска со почеток во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Бетовен: Редефиниција“. Како солист ќе настапи виолинистот Јонијан Илијас Кадеша, диригент ќе биде маестро Емил Табаков од Бугарија, а како дел од програмата се „Варијации на тема од Хајдн“, опус 56 од Јоханес Брамс и Концерт за виолина и оркестарот во Де-дур, опус 61 од Лудвиг ван Бетовен. Маестро Емил Табаков е роден 1947 година во Бугарија. Табаков се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Има дипломирано на одделот за диригирање и одделот за композиција. Тој има освоено награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген. Има настапувано како гостин-диригент во Австралија, Австрија, Англија, Германија, Данска, Италија, Израел, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Романија, Русија, САД, Сингапур, Холандија и Шведска. Има диригирано на многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи. Јонијан Илијас Кадеша има грчко-албански корени, а живее во Берлин. Неговата изведба се карактеризира со стилска посветеност и егзактна артикулација во интерпретацијата на дела од сите музички епохи. Кадеша секогаш трага по имагинацијата на звукот, постојано барајќи нови звучни хоризонти. Добитник е на повеќе интернационални награди меѓу кои и на натпреварите „Виндзор“ и на „Леополд Моцарт“. Кадеша веќе настапува на водечките светски сцени и на познати фестивали во Европа. Во август, 2020 година, по неколкумесечна коцертна пауза во германската престолнина, тој го отвори фестивалот на „Млади европски класици“ во Берлин. Покрај концертот во Филхармонија, тој ќе го изведе и Концертот број 2 за виолина и оркестар од Шостаковиќ заедно со Државниот симфонски оркестар во Атина и со камерниот оркестар „Лондон Моцарт плејерс“. Кадеша е коосновач на триото „Гаспард“ со кое настапува во Европа и во САД, а свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуаданини од 1749 година. Виолинскиот концерт во Де-дур опус 61 за виолина и оркестар од Лудвиг ван Бетовен премиерно бил изведен во Виена во 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на Бетовен и едно од неговите најлирски дела. Напишан е во еден од неговите најкреативни периоди, кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клеменет, кој сакал драматично дело за неговиот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот. ки/сп/

Остани поврзан