• четврток, 26 декември 2024

Концерт на Федерико Сера за 8 март во организација на „Охридско лето“

Концерт на Федерико Сера за 8 март во организација на „Охридско лето“

Скопје, 4 март 2024 (МИА) - По повод 8 март - Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи концерт со светски познатиот тенор Федерико Сера од Италија во придружба на пијанистот Антонио Кампоногара. Концертот што ќе се одржи на овој датум во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 19 часот, ќе биде посветен на припадничките на понежниот пол, се наведува во соопштението на организаторите.

- Веќе трета година надвор од фестивалската рамка 12 јули- 20 август, реализираме концерти преку цела година. Имавме прекрасен новогодишен  концерт со оркестарот на Националната опера и балет, а сега следи осмомартовскиот концерт на Денот на жената со оперскиот пејач од Италија, Федерико Сера, чиј ментор е светскиот оперски пејач Андреа Бочели. Верувам дека тие оперски арии ќе нѐ однесат во светот на Џузепе Верди, во светот на Италија и тоа ќе биде подарок  за охриѓанки а и за сите жени кои сакаат да дојдат, што се поддржувачи и љубители на фестивалот „Охридско лето“, се истакнува во писмената изјава на директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

По осмомартовскиот концерт во организација на „Охридско лето“, се најавува велигденски, како завршница на концертите надвор од официјалната програма.

- Како најголема и најзначајна културна установа во државата, сакаме врвната култура да живее преку цела година со што од една страна го афирмираме фестивалот, а од друга страна и Охрид како град, но и државата во целина. Нудиме квалитет, а тоа го препознава нашата верна публика, смета Поповиќ.

Федерико Сера беше дел од четворицата светски познати тенори од Италија, кои имаа концерт на свеченото отворање на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. бд/дма

Фото: „Охридско лето“

Остани поврзан