• среда, 13 ноември 2024

Концерт на Националниот џез оркестар и Мартин Ѓаконовски - Шпато

Концерт на Националниот џез оркестар и Мартин Ѓаконовски - Шпато

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) - Националниот џез оркестар вечер во Битола ќе одржи концерт „A Letter to Ray“ на кој гостин ќе биде Мартин Ѓаконовски - Шпато. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.

-Мартин Ѓаконовски e македонски контрабасист и композитор кој живее во Германија и се смета за еден од најистакнатите џез-уметници во Европа. Ѓаконовски потекнува од музичко семејство; неговата мајка била џез-пејачка, а неговиот татко, Драган Ѓаконовски-Шпато, е истакнат македонски композитор, диригент и музички аранжер, основоположник на Биг Бендот на Радио Скопје, велат од националниот џез оркестар. 

Тој од шестгодишна возраст учи виолина за на 14 години да се пренасочи кон контрабасот, по што наскоро формира свој бенд, триото Шпато.

Во 1991 година ги започнува студиите на музичкиот универзитет во Келн. Соработува со групите на Пол Кун, Лин Ариале, Оливија Трамер, Пол Шигихара, Никола Симион, Бојан З, Андерс Берг Кранц, Омер Клајн и Биг-бендот од Франкфурт. Со музичари како Роман Швалер, Енди Мидлтон, Тони Лакатош и Чарли Маријано, настапува на најголемите европски фестивали, меѓу кои фестивалите во Загреб, Брисел, Билбао, Краков и Леверкузен. Соработува на албуми со Хуго Рид и Томас Кремер, во џез триото во Франкфурт, и Маркус Бургерс во рамки на Септер Бурбон.

Има соработувано и снимено повеќе од осумдесет ЦД-а на џез и светска музика, меѓу другите со Душко Гојкович, Пол Кун, Николас Симион, Антонио Фарао / Боб Берг, Мајкл Сагмајстер, Анке Хелфрич, Торстен Гудс, Ференц Снетбергер, Дејан Терзиќ, Европско собрание, Клаудиус Валк трио, Ратко Зјача / Симоне Занчини / Адам Нусбаум.

Концертот со наслов A Letter to Ray, велат од Националниот џез оркестар, е еден вид посвета на еден од највиртуозните контрабасисти на сите времиња и “писмо со благодарност” за неговата трага врз џез музиката.  Реј Браун е еден од најпопуларните и најплодните музичари во џез музиката чија умешност и богат звук го става на врвот на листата највлијателни џез музичари, повеќе од 50 години. сст/aa/

фото Национален џез оркестар

Остани поврзан