• четврток, 26 декември 2024

Концерт на Надја Неволович на виолина и Калина Мрмевска на пијано вечерва на „Охридско лето“

Концерт на Надја Неволович на виолина и Калина Мрмевска на пијано вечерва на „Охридско лето“
Охрид, 13 август 2021 (МИА) – На музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва за вљубениците во класичната музика е предвиден концертот на уметничките Надја Неволович на виолина и Калина Мрмевска на пијано. Виолинистката Надја Неволович ја красат музичка интуиција, виртуозна техника и интерпретации со голем интегритет, квалитети кои  ѝ носат плодна кариера како солист и камерен музичар. Како и многу музички талентирани деца во Русија, таа започнува да учи виолина во специјалното музичко училиште при Конзерваториумот во Санкт Петерсбург. Откако се сели во Германија, студира во класата на познатиот педагог Захар Брон, а работи и со Ана Нечипроук-Брон, Томас Брандис, Исак Рашковски и Ливиу Прунару. Магистрира со највисоки почести на Кралскиот конзерваториум во Брисел во класата на Игор Ојстрах. Со диплома музичар-изведувач се стекнува на Универзитетот во Росток во класата на Петру Мунтеану. Особено влијание врз нејзиниот личен и уметнички развој има легендарниот виолинист Иври Гитлис. На само единаесет годишна возраст Надја дебитира со оркестар, по што следат бројни настапи со различни оркестри меѓу кои Филхармонијата во Брисел, Северно-германската филхармонија во Росток, Симфонискиот оркестар „Нова Русија“, Филхармонијата во Баден Баден, Камерата „Мењухин“ и „Хармос“ фестивалскиот оркестар, со диригенти како: Шломо Минц, Дирк Вермеулен, Роналд Цолман, Андреј Петренко и Иво Венков. Таа е победник и носител на награди од повеќе меѓународни натпревари меѓу кои натпреварот „Виењавски“ во Полска и натпреварот „Тошија Ето“ во Токио. Како камерен музичар настапува во различни формации, а во 2011 година е виолинистка на квартетот „Мењухин“ со кој освојува прва награда и награда од публиката на натпреварот Шамони Мон Блан во Франција. Снима бројни ЦД-а со нејзиниот дуо партнер – катедралниот оргулаш Петер Ван де Велде.  Една од активностите кои се многу значајни за Надја е педагогијата, па така од 2008 до 2009 таа е асистент на Игор Ојстрах во Брисел, а од 2011 година одржува мајсторски курсеви во Каиро, на Академијата „Римски-Корсаков“ во Брисел каде е гостин предавач, на летната академија „Опус 74“ во Франција, а исто така е тутор на Интернационалниот мајсторски курс и натпревар во Будимешта. Од 2017 година Надја е концерт мајстор во Филхармонијата во Брисел, и редовно е канета да биде гостин-концерт мајстор во оркестри во Европа како Оркестарот на балетот во Амстердам, Симфонискиот оркестар во Антверпен и ансамблот „Атанерес“. Калина Мрмевска музичката критика ја оценува како „пијанист со особена моќ“ и „уметник со јасна и жива музичка идеја“. Дебитира на само деветгодишна возраст и освојува први награди на националните натпревари за пијано. На 12 години дебитира со оркестарот на Македонската филхармонија, а на 18 години е македонски претставник на Евровизискиот натпревар за млади музичари. Победничка е на Меѓународниот натпревар „Роверо Д оро“ во Сан Бартоломео и освоила втора награда на натпреварот „Шуман-Јанг Чанг“. Мрмевска настапува и со рецитали и со оркестри во Европа и во САД во концертните сали во Хамбург, во салата на Филхармонијата во Варшава, Палатата „Дунав“ во Будимпешта, Културниот центар во Чикаго и др. Како хуманитарец, Мрмевска е прв амбасадор на Првата детска амбасада „Меѓаши“ за што и е доделена наградата „13 Ноември“. Во 2006 година, Мрмевска се појавува во филмот „Сенки“ од Милчо Манчевски. Една од нејзините најважни уметнички мисии е промовирањето на македонското музичко творештво, за што говори и нејзиното идно ЦД кое ќе вклучува дела од современи македонски автори. Нејзините настапи се често пренесувани на ТВ и радио, меѓу останатото како пренос од престижните серии концерти кои го носат името на Мајра Хес во Чикаго.  Мрмевска е носител на ДААД стипендија во Германија и поддржана е финансиски од фондацијата О. Стотерау и Оскар и Вера Штифтунг.  Добитничка е на наградата „Џ. Бредли“ на универзитетот во Денвер, како и на наградата „Сталер“ на Универзитетот во Стоуни Брук каде што  се здобива со звање Доктор на пијано изведба под менторство на Гилберт Калиш. Калина Мрмевска е посветен педагог, и за време на докторските студии им  предава на студентите на додипломски и постдипломски студии кои се добитници на бројни награди и признанија. Често е канета да биде дел од жири комисии на натпревари, а во 2018 е еден од предавачите на Летната Академија „Скрјабин“ во Италија. Во 2021/22 Мрмевска е резидентен уметник на Универзитетот во Тенеси и на Колеџот во Хјустон.  Ќе настапи со Симфонискиот оркестар во Чендлер и во Германскиот конзулат во Њујорк како и на фестивали во САД и Европа. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот. аб/аа/  

Остани поврзан