• петок, 27 декември 2024

Концерт на Младинскиот оркестар при ЦК „Трајко Прокопиев“ во Софија

Концерт на Младинскиот оркестар при ЦК „Трајко Прокопиев“ во Софија
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) - Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, вечер со почеток од 18:30 часот концерт ќе одржи Младинскиот оркестар при Центарот за Култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово насловен „Музиката нема граници“. Како што соопштуваат од КИЦ од Софија, оркестарот, кој е формиран во 2020 година и функционира под уметничкото раководство на Александар Митрички, се претставува со македонска популарна и рок музика, преработки на македонски евергрини и народни песни. Во програмата на оркестарот се застапени музички композиции познати од изведбите на Каролина Гочева, Тоше Проески, Александар Митевски и Драган Спасов Дац, Влатко Стефановски, Ареа, Куку леле, Нон стоп, Александра Јанева, Зијан, Ана Костовска, а исто така и џез преработки на познати македонски народни песни, како и песни од кумановскиот крај. Младинскиот оркестар брои над 15 членови, а неговиот инструментариум е составен од вокални солисти, бас гитара, соло гитара, акустична гитара, клавијатури, саксофон, кларинет, кавал, хармоника, кахон, тарамбука, виолина, труба, тромбон. Покрај композициите кои се пеат, оркестарот изведува и композиции во вид на џез стандарди, преработки на песни во инструментална форма и преработки на ора и песни од традиционалната македонска музика. Концертот во КИЦ на РСМ во Софија ќе го изведат Петар Штерјовски – хармоника, Никола Стојковски – бас гитара, Филип Стојковски – гитара, Јован Цветковиќ – клавијатура, Иван Михајловски – кахон и вокалите Анастасија Филиповска, Мима Младеновска и Филип Гелевски. вг/лв/

Остани поврзан