• среда, 25 декември 2024

Концерт на Градски камерен хор „Астибо“ од Штип во Делчево

Концерт на Градски камерен хор „Астибо“ од Штип во Делчево

Делчево, 19 ноември 2024 (МИА) - Во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево вечерва се одржа концерт на Градски камерен хор „Астибо“ од Штип.

Во улогата на гости на концертот беа домашната женска пејачка група Ѓурѓа и инструменталисти од Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо“, кои на последниот Меѓународен фестивал на камерни хорови „Астибо Фест“ освоија три први награди.

-Ова е наш трет самостоен концерт овде. Публиката беше прекрасна како и секогаш. Мило ми е што вечерва остваривме една долгопосакувана соработка со пејачка група Ѓурѓа. Овој ансамбл на нашиот фестивал освои прво место во категорија пејачки групи. Да го пофалам Делчево како расадник на музички таленти, затоа што дури три хора освоија три први места на неодамнешниот наш фестивал „Астибо Фест“, изјави диригентот Ивана Ѓурѓевиќ - Јанков.

Директорот на Националната установа центар за култура „Н.Ј.Вапцаров“, Љупчо Петовски изрази задоволство од соработката со Градскиот камерен хор од Штип. 

-Вечерашниот концерт е по проект на Министерство за култура. Овде настапија членови на хорот кои се гледа дека долго работат и ја воодушевија делчевската публика. Нашите групи им беа гости, имаа одличен настап и во оваа прилика можам да кажам дека женската пејачка група израснува во една од најдобрите групи од ваков калибар во Македонија, рече Петровски.

Како што додаде програмскиот директор на установата Методи Толевски ова е само увертира на настаните кои е следуваат во наредниот период, најавувајќи неколку изложби и концерти кои ќе следуваат во месеците ноември и декември. вс/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан