• недела, 24 ноември 2024

Концерт „Мелем песна“ на Танец в петок на Скопско лето

Концерт „Мелем песна“ на Танец в петок на Скопско лето
Скопје, 12 јули 2021 (МИА) - Хорот и оркестарот на Танец в петок ќе одржат вокално-инструменталниот концерт со наслов „Мелем песна“ во рамките на Скопско лето. Концертот „Мелем песна“ на хорот и оркестарот на Танец е дел од новата сезона на ансамблот, симболично наречена „Враќање“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, но и во духот на отпочнувањето на новиот сценски живот по пандемискиот застој. Овој концерт во рамките на фестивалот „Скопско лето“ е петти во низата концерти на отворено од првата летна вокално-инструментална серија, кои се одржуваат во пет македонски градови - Велес, Прилеп, Македонска Каменица, Кавадарци и Скопје. По нив, „Танец“ ќе ја започне и втора серија од три големи музичко-сценски концерти, наречена „Танец под ѕвездите“, на фестивалите во Струмица, Охрид и Битола. Танец е првиот професионален фолклорен ансамбл во Северна Македонија, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционалните песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ. Танец, чие име го симболизира македонскиот народен танц (оро) е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави - без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство. Танец ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на своите 72 години од своето постоење, Танец има учествувано на повеќе од 5000 концерти и фестивали, пред преполните концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн и многу други. Ансамблот Танец поседува уникатна збирка на оригинални традиционални носии со исклучителна вредност и убавина, од различни региони во земјата (повеќе од 2000 автентични носии), така што секој концерт нуди уникатно аудио-визуелно искуство на публиката ширум светот . Репертоарот се состои од повеќе од деведесет кореографии и неколку стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните регионални музички и кореографски стилови на богатиот македонски фолклор. Танец е ансамбл кој е познат и почитуван во целиот свет, кој ужива посебен углед заради професионалниот пристап и автентичноста на репертоарот. Брои 40 професионални танчери, 20 пејачи и 20 инструменталисти, кои лесно се комбинираат во различни формации. Танец за својата седумдецениска дејност има добиено бројни награди и признанија, меѓу кои Гранд при на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија, потоа „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“. Концертот ќе се одржи в петок во 20 часот во Сули Ан. нд/сп/

Остани поврзан