• недела, 24 ноември 2024

Конференција: Останува предизвикот за кршење на невидливите бариери за еднакви можности и намалување на родовиот јаз

Конференција: Останува предизвикот за кршење на невидливите бариери за еднакви можности и намалување на родовиот јаз

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) - Кршењето на невидливите бариери што ги спречува жените да стигнат „до највисоките нивоа во светот на бизнисот без оглед на нивните достигнувања и заслуги“, како што се вели во дефиницијата за „стаклениот покрив“, е благородна мисија, зашто само преку нивно отстранување и создавање на повеќе поволни услови за жените можеме да дојдеме до намалениот родов јаз. Секој од нас има должност да создава еднакви можности за професионален развој и за добивање на раководни позиции за секој, без разлика на родот, но и можност за еднаква плата и надомест без никаква разлика со онаа кај мажите лидери.

Ова го истакна меѓу другото, Елизабета Георгиевска сопруга на претседателот на државата на Конференцијата „Женско лидерство - како да се скрши стаклениот покрив за надминување на родовиот јаз“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Едукативниот центар М6. 

Кршењето на невидливите бариери што ги спречува жените да стигнат „до највисоките нивоа во светот на бизнисот без оглед на нивните достигнувања и заслуги“, како што се вели во дефиницијата за

-И покрај напредокот на жените во професионалниот свет, стаклениот покрив сè уште изгледа висок и недостижен. Иако постои одреден напредок, предизвикот за жените лидерки продолжува. Истражувањата покажуваат дека жените носителки на моќ се сметаат за помалку легитимни од мажите на кои културолошки се подразбира дека моќта им припаѓа. Жените кои имаат амбиција да бидат лидерки, се соочуваат со многу поголеми предизвици отколку мажите, но тие се и сочувствителни кон потребите на другите, спремни за тешки предизвици, поорганизирани и координирани при комплексни прашања, а што е најважно отворени се за експертски мислења и неконвенционални размислувања, вели Георгиевска.

Според неа, секој од нас што има некакво влијание во општеството, дали преку образованието, бизнисот, политиката, културата, или општо во јавната сфера, има должност да ги мотивира новите генерации на млади дека и девојчињата и момчињата имаат право и можат да постигнат високи цели, а нашето искуство од пречките со кои сме се соочувале и како научени лекции да им ги пренесеме на новите генерации, за тие да имаат полесен пат. Дополнително, додаде таа, треба да ја поттикнеме и одржуваме и женската солидарност, да подадеме рака, поддржувајќи го професионалниот развој на другите жени.

-Во решавањето на родовиот јаз, мора да признаеме дека вистинската еднаквост е партнерство. Мажите не се исклучени од овој дијалог, тие се наши сојузници во оваа заедничка борба. Заедно мора да ги редефинираме очекувањата, да ги предизвикаме стереотипите и да негуваме средини каде што и мажите и жените можат заеднички да напредуваат, порача Георгиевска.

Вицепремиерката за политики за добро управување Славица Грковска се осврна на улогата на квотите, односно позитивната дискриминација како мерка во напорите за унапредување на застапеноста на жените на раководни позиции, за што се залагала уште на времето како една од основачите на подмладок на СДСМ и први кои ги вовеле, за потоа да ја преземат и сениорите.

Најголеми противници во воведувањето на квотите, за тоа време една радикална мерка, во подмладокот беа другите жени, за потоа токму тие да станат најголеми поборници за примената на оваа алатка, вели Грковска. Квотите, односно позитивната дискриминација е добра за да им овозможи простор на жените кои се професионални и кои заслужуваат одредена позиција да дојдат до таа позиција, зашто поинаку тоа не би било можно.

-Не е лесно да вознемирите одреден систем кој што е прилично комфорен, го поврзувам со позицијата која ја имам сега, затоа што оваа позиција, исто така предизвикува вознемирување на системот, на тој комодитетот што одредена категорија  луѓе го имаат. Фактот што сега во Парламентот, повеќе од 40 отсто од пратениците се жени после толку децени укажува на тоа дека кога сте убедени во својата иделогиоја дека е таа исправна, вреди и заслужува секоја секунда од времето за да го постигнете резултат. Факт е и дека поради отстуството на квоти минорна е нивната бројка во локалната самоуправа како градоначалнички и во извршната власт каде има неколку министерки и тоа само од мојата партија, вели Грковска.

Надминувањето на родовиот јаз, смета вицепремиерката Грковска е процес, кој никогаш нема да заврши и не треба да се сваќа здраво за готово. Квотите и инклузивните политки, додава таа се пожелни и во приватниот сектор, но потребна е и поддршка од мажите за ваквите политки, како и женската солидарност, односно поддршката од жени за жени..

Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на Едукативниот центар - М6, како и на „Вина од Македонија“, истакна дека сите тренинзи и проекти кои ги имплементираат во себе ја содржат и родовата еднаквост како една од целите на одржлив развој на ОН. Според неа, таа подразбира постоење „баланс“ во секој елемент во живеењето и работењето како на индивидуално ниво, така и кога работиме во групи, а особено кога заедно го градиме општеството.

-Во нашата потрага по родовата еднаквост да признаеме дека градењето мостови не е еднонасочна улица. Женското лидерство не смее да биде замена на еден пол со друг, туку се работи за искористување на уникатните сили и перспективи што секој пол ги носи во себе...Денешниот настан е повик за акција, тука сме да разговараме за предизвиците, да создадеме решенија кои ќе го издржат тестот на времето, да ги трансформираме работните места, заедниците и општеството во целина. Треба да ги предизвикаме несвесните предрасуди и да создадеме можности за сите без разлика на полот. Со тоа ја поставуваме основата за иднината каде лидерството не се дефинира спред полото, туку спопред компетентноста, карактерот и визијата, вели Младеновска Јеленковиќ.

На форумот на тема женското лидерство, но за прв пат и со инклузија на мажите, своја перспектива за рововиот јаз, односно за родовата еднаквост на работното место и во општеството како целина, дадоа претставници на политичкиот и граѓанскиот сектор, бизнис секторот и младинските организации. вг/аа/

Фото: МИА/кабинет на претседателот

 

 

.

Остани поврзан