• среда, 25 декември 2024

Конференција на тема јавни набавки во Институтот Хајделберг во Скопје

Конференција на тема јавни набавки во Институтот Хајделберг во Скопје

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Конференција на тема „Јавни набавки - сегашна состојба, слабости, ризици, превенција и борба против корупцијата“, ќе се одржи денеска, во просториите на германскиот Институт за бизнис и менаџмент Хајделберг Скопје, кој е воедно и организатор на настанот, во соработка со Првата македонска банкарска академија – АБИТ.

- Целта на оваа конференција е да придонесе во градењето на „јавен интегритет“ во насока на добро владеење, што би придонело сите чинители кои се вклучени во процесот на јавните набавки да бидат вистински достојни за јавна доверба и почит. Во таа насока, идејата е учесниците да се запознаат со моменталните состојби во јавните набавки, во однос на корупцијата и констатираните слабости, како и да се укаже на ризиците од корупција кои постојат во таа област со цел целосно расветлување на состојбите и поттикнување на јавната свест во насока на ефикасна превенција и борба против корупцијата во јавните набавки, објаснуваат организаторите.

Учесниците ќе имаат можност да иницираат и отворат нови прашања и да разменат искуства кои произлегуваат од долгогодишната борба против корупцијата во јавните набавки, а со цел релевантните институции да преземат соодветни мерки во насока на превенција и стеснување на просторот за можни злоупотреби и корупција.

Организаторите посочуваат дека конференцијата е наменета за сите институции: договорни органи, економски оператори, адвокати, обвинители, како и правосудна полиција кои дирекно или индиректно работат со јавни набавки и сите заинтересирани кои работат или сакаат да работат во оваа област. Особено лица за јавни набавки или раководители на организациски единици за јавни набавки од клучни министерства, единици на локална самоуправа, јавни претпријатија, како и лица за јавни набавки од големи корпорации кои учествуваат на тендери, консултантски куќи кои спроведуваат јавни набавки за економски оператори и управители/сопственици на правни субјекти кои учествуваат или имаат интерес да учествуваат на тендери. ир/вг/

 

Фото: Скриншот

Остани поврзан