• недела, 24 ноември 2024

Конференција на судските совети од регионот во Скопје

Конференција на судските совети од регионот во Скопје
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) - Во Скопје се одржува конференција на која учевствуваат претседателите на судските совети на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, како и претседателката и членови на Судскиот совет на Северна Македонија. Настанот е финансиран од Кралството Холандија, преку Центарот за меѓународна правна соработка и проектот МАТРА (ефикасност, отчетност и транспаретност на Судскиот совет), кои воедно се и организатори на конференцијата. Целта на настанот е да се разменат искуствата во начинот на функционирање на советите и да се споделат позитивните пракси за полесно и поефикасно функцинирање на судските институции. - Сето тоа се очекува да ја подобри работата на судските совети во поглед на нивната независност, објективност и транспаретност, соопшти Судскиот совет на Северна Македонија. Во своето поздравно обраќање, претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, нагласи дека регионалната соработка е нужна за да се воспостави систем за постојана комуникација за размена на искуството и знаењето. - На оваа конференција ние треба да ја воочиме реалноста, особено со намалената доверба кај граѓаните во судството, и да дефинираме добри практики кои ќе ни бидат корисни во промоцијата и остварувањето на нашите цели - создавање независни судски системи и услови во кои секој граѓанин ќе може непречено да ги оствари своите права. Во моментов ние сме на пат кога градиме компетентен Судски совет кој има надлежности да креира правила и политики применливи во нашиот судски систем, работиме постојано на подобрување на квалитетот на судиите, на начините по кои ги избираме и ги унапредуваме, се обидуваме да функционираме независно и професионално за да можеме нашата работа да ја пресликаме и во судовите, рече Црвенковска пред своите колеги од државите во регионот. Судскиот совет на Северна Македонија во соопштение наведува дека конференцијата се случува во време кога стремежот на сите држави, кои имаат преставници на настанот, е насочен кон Европската Унија, па затоа учесниците нагласија дека регионалната соработка е важен предуслов во сите области, вклучително и судството. - Ако сакаме европска иднина на нашата држава и на нашиот регион, тогаш мора да имаме и европско судство, а тоа значи дека мораме да ја смениме перцепцијата кај граѓаните. Тоа е можно само ако имаме независен Судски совет и независни судии. Сите ние одиме по тој пат, некој е понапред, некој е поназад, тоа е сосема доволна причина да започнеме една нова ера - ера во која ние нема да бидеме непознати едни за други, туку ќе бидеме партнери за полесно и заедно да стигнеме до целта, порача Црвенковска. хс/дма/

Остани поврзан