• сабота, 23 ноември 2024

Југоисточна Европа останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и криумчарење мигранти

Југоисточна Европа останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и криумчарење мигранти

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) — Југоисточна Европа, за жал, останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и криумчарење мигранти и сите сме свесни за озогласената балканска рута. Согласно глобалниот Индекс за организиран криминал од 2023 година, трговијата со оружје во овој регион е на повисоко ниво отколку во Европа. Во овој регион се криумчарат нелегални оружја и мигранти кон Европа и затоа, во овој контекст, потребно е итно спречување на малото и лесно оружје, посочи шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, на денешната конференција организирана од ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи, посветена на соработката меѓу полицијата и царината за трговија со оружје и криумчарење мигранти во Југоисточна Европа. 

Амбасадорот Вал истакна дека ова е еден од најголемите проекти на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, вреден повеќе од осум милиони евра, а целта е подобрување на механизмите за размена на информации во реално време и подигнување на јавната свест за ризиците од ваквите активности.

– Покрај сите овие активности, пролиферацијата на ова мало и лесно оружје сѐ уште е на високо ниво и бара регионална акција, затоа сѐ повеќе работиме на негово намалување. Овој предизвик бара соработка во една иницијатива која што се спроведува низ целиот регион, а ги обединува полициските и царинските администрации, како и функционерите за спроведување на законите, со цел да можеме да ги спроведиме нашите цели. Нашите цели се подобрување на нашата рамка за соработка за одговор на недозволената трговија со мало и лесно оружје, јакнење на безбедносната инфраструктура, како и да ги испитаме сите начини на коишто можеме да ја продлобочиме нашата соработка за да можеме да ги разменуваме информациите во реално време, рече Вал.

На конференцијата присутни беа и министрите за внатрешни работи и финансии, Панче Тошковски и Гордана Димитриеска – Кочоска, кои исто така ја нагласија потребата од меѓународна соработка. Борбата против организираниот и транснационалниот криминал, според министерот Тошковски, бара максимално вложување напори и ресурси, особено во делот на прекуграничната полициско-царинска соработка, за која рече дека е клучен фактор за ефикасно справување со ваквите закани.

– Живееме во свет кој се менува со молскавична брзина и доживува глобални промени во сите сегменти. Овие промени имаат свое големо влијание во стабилноста и функционалноста на безбедносните системи, кои се носечки столб на сигурноста на граѓаните и демократските вредности на државите. Меѓународната соработка е еден од клучните инструменти на државите во борбата против заканите поврзани со безбедноста на институциите и општествата, а истата се базира врз квалитетна меѓуинституционална соработка, како на национално, така и на регионално ниво… Несомнено е дека заедничките контакт-центри значително придонесуваат за брза размена на информации помеѓу граничните и царинските агенции, рече Тошковски.

Димитриеска – Кочоска, пак, нагласи дека сузбивањето на криминалот и нелегалната трговија е врвен приоритет на Владата.

– Гарантирањето безбедност на своите граѓани во земјата е еден од врвните приоритети на Владата. Во тој контекст, во име на Министерството за финансии, како надлежна институција во чија ингеренција е Царинската управа, сакам да истакнам дека безбедноста и заштитата на нашите граници, односно сузбивањето на криминалот и нелегалната трговија е врвен приоритет на кој сме силно фокусирани. Во прилог на тоа се и позитивните резултати во работењето на Царината и во делот на прибирањето на приходите и во откривањето на нелегалната тарговија, рече Димитриеска – Кочоска.

Соработката на Царинската управа и Министерството за внатрешни работи има повеќе полиња на делување, додаде министерката, нагласувајќи дека крајна цел е овозможување на слободно движење на стоки и патници преку границата.

– Тие соработуваат и во делот на забрзување на прекуграничната трговија, каде е значајно да се истакне и усогласувањето на процедурите и забрзување на протокот на патничките возила, што пред сѐ е фокус на Министерството за внатрешни работи и граничната полиција. Важно е дека сите овие активности се во насока на забрзување со крајна цел овозможување на слободно движење на стоки и патници преку границата. Покрај соработката, силно влијание во постигнување подобри резултати на ова поле ќе има и од модернизацијата на граничните премини, користењето на современи технологии и дигитализација на процесите. Врвен приоритет во програмата на Владата за 2024-2028 година е владеењето на правото и борба против корупцијата, криминалот и нелегалната трговија, рече министерката. ра/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан